Бизнис
12. April 2019 - 10:34

Печурката „смрчак“ се позабележлива и на подрачјето на Пијанец

 

Иако сезоната на смрчакот е во месец мај, оваа печурка веќе е забележана на повеќе места во Пијанечкиот регион. Во откупниот центар на делчевецот Александар Синадиновски откупени се и првите количини од оваа ценета печурка.

-Смрчакот расте во иглолисни планински шуми и на чистинките околу нив. Во многу голем број се јавуваат на опожарени места. Извонредно е вкусна и држи доста добра цена. Еден килограм од оваа печурка достигнува цена и до 1.000 денари, вели Синадиновски.

Трајчо Гоцевски кој исто така има свој откупен центар, вели дека во наредниот период по дождовите се очекува нов наплив на печурки во Пијанечкиот крај.

 
-Во првите денови после обилните врнежи од дожд, секогаш печурките се наоѓаат во откриените места со ниско-стеблеста шума. Подоцна како што поминува периодот, печурката влегува внатре. Се очекува по сегашните дождови, доколку има подолг сончев период, да има нов наплив на печурка, вели Гоцевски.
 
Во регионот Пијанец и Малеш најизразени печурки се лисичарката и вргањот, додека се поприсутна во последно време е и печурката јајчарка. Минатата година поради поволните услови само во делчевско беа откупени околу 10 тони печурка од споменатите видови. 

Ново на Сител