Македонија
1. March 2018 - 14:11

Парламентарното мнозинство бара оставки од Антикорупциска

Владејачкото мнозинство денеска побара оставки од членовите на Државната комисија за спречување на корупција по објавувањето на ревизорскиот извештај во кој се тврди има незаконско и несовесно трошење на пари од граѓаните. 

- Ревизијата на работењето на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) укажува на непочитување и злоупотреба на законските одредби, незаконско и несовесно трошење на парите на граѓаните, токму од страна на комисијата која треба да се грижи за спречување на злоупотребите на правата и обврските на институциите и сите избрани функционери во државата. Членовите на ДКСК веќе немаат професионален и етички кредибилитет да ја извршуваат оваа фунција ниту еден повеќе. Од тие причини доколку членовите на Антикорупциска не поднесат неотповиклива и итна оставка, Собранието како орган надлежен за избор на членовите на оваа комисија ќе покрене постапка за нивно разрешување, изјави потпретседателката на Собранието и пратек од СДСМ Фросина Ташевска Ременски.

Барањето за оставки, како што кажа, е од владејачкото мнозинство односно и од пратениците од СДСМ и од ДУИ.

- Нема да има толеранција на коруптивно и расипничко однесување на ниту една институција и на ниту еден избран функционер во Република Македонија,  рече Ташевска Ременски.

Ревизијата утврдила неправилности во делот на начинот на наплата на платата и патните трошоци од страна на членовите на Комисијата, односно наплата на патни трошоци врз основа на фиктивни налози и патни налози и налози кои не соодветствуваат со агендата која ја имала Комисијата и членовите.