Панчевски поднесе кривична до членовите на Советот на обвинители

Владимир Панчевски, кандидатот за државен јавен обвинител кој вчера не доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, поднесе кривична пријава против претседателот, заменик-претседателот и членовите на Советот, тврдејќи дека тие ја злоупотребиле службената положба при разгледувањето на неговата кандидатура.
Во објава на фејсбук, Панчевски реагира по одлуката на Советот, кој вчера не донесе позитивно мислење за неговата кандидатура, со што тој беше исклучен од понатамошниот изборен процес за функцијата државен јавен обвинител. Според образложението на Советот, Панчевски не го исполнувал условот за најмалку десет години непрекинат стаж во областа на кривичното право.
Панчевски тврди дека членовите на Советот ја искористиле службената положба и ги пречекориле законските овластувања спротивно на член 62 став 1 алинеја 1 од Законот за јавно обвинителство. Тој ја повика Владата да ја поништи постапката, посочувајќи дека Советот нема надлежност да врши автентично толкување на закони, туку само да ги применува.
Советот на јавни обвинители вчера одлучи дека Панчевски не ги исполнува условите од најмалку 10 години работен стаж како јавен обвинител или судија од областа на кривичното право.
Во меѓувреме, Панчевски објави документ од Основниот кривичен суд Скопје, според кој тој бил судија од 8 февруари 2008 до 28 јули 2020 година. Според потврдата, тој има стаж од 12 години, 5 месеци и 20 дена – што, како што тврди, директно ги побива констатациите на Советот.
Според толкувањето на Советот, кандидатот мора да има активен стаж непосредно до денот на пријавата, додека, Панчевски тврди дека законот бара само стекнат вкупен стаж.
Во објавата на фејсбук, стои дека поднел кривична пријава за злоупотреба на службена положба против Башким Бесими – претседател на СЈОРМ, Марјана Илиеска – заменик-претседател и членовите Јелена Догазанска Колева, Зорица Павловиќ, Ермон Незири, Кети Петкова, Светлана Стојковиќ, Душица Димитриеска, Ардиан Демири и Фатих Алиу.
Во пријавата се наведува дека тие, на седницата одржана на 17 февруари 2026 година, постапиле спротивно на Законот за јавно обвинителство и го лишиле од законско право да учествува во понатамошниот изборен процес.
Панчевски дополнително посочува и на можен судир на интереси кај заменик-претседателката Марјана Илиеска, бидејќи таа е сопруга на лице што било осудено за организиран криминал во предмет во кој тој судел како судија во 2010 година. Според него, таа морала да се изземе од гласањето.
Во својата објава на фејсбук, Панчевски оценува дека кривичната пријава е „одраз на трулиот судско-обвинителски систем“ и ги повика Владата, Јавното обвинителство и МВР да реагираат и да ја расчистат постапката.
МИА
Ново на Сител
-

Официјално: Искра Хаџи Василева победи на денешните избори
-

Најмалку 64 мртви и повеќе од 179 повредени во судирот меѓу двата воза во Шпанија
-

Во двата воза што се судрија во Шпанија имало над 544 патници
-

580.000 евра од Германија легнале на сметка на 71-годишна жена од радовишко – со парите синот градел бесправно и купувал имот
-

Мицкоски му честитал на Срдановиќ за изборната победа, очекува продлабочување на економската соработка со Србија
-

Стојна не се откажува од наплатата за Куклица – се заканувала на посетители, па полицијата ја привела
-

Охрид: Египќанец украл телефон и пари од гости во хостелот каде што престојувал
-

35-годишна жена нападнала полицаец во Куманово
