Бизнис
8. March 2022 - 21:03

Падот на светските берзи се рефлектира и на македонската берза но не драматично

Рубљата продложува да паѓа, московската берза останува затворена. Руските милијардери го губат богатството. Војната на Путин, за неполн месец, најбогатиот Русин, Олег Тинков го осиромаши за над 5 милијарди долари. Акциите на Лондонската берза му потонаа за над 90%, со што го изгуби статусот милијардер. Но тој не е единствениот. Во клубот милијардери веќе не членуваат уште најмалку 10 тина, чие богатство се стопи поради падот на цените на акциите, рекордно нискиот курс на рубљата во однос на доларот и санкциите кои им ги наметна Запад. Војната во Украина не престанува да ги тресе и светските берзи. Имуна не остана ни македонската. Инвеститорите се затекнати. Тие сакаат сигурност и стабилни приноси, а не неизвесност, вели првиот човек на македонската берза.

- Во регионов падот на нашата берза е некаде минус 5 проценти, во Бугарија, Хрватска, Словенија со минус 6, минус 7, минус 11. Значи сите берзи реагираа на неекономски фактор – воен конфликт, кој е најтешко предвидлив што ќе се случува, а тргувањето со акции е фактички денешна проценка на инвеститорите каков „кеш флоу“ ќе имаат компаниите во иднина. Во вакви услови е нормално инвеститорите секаде и во странство и кај нас да бидат попретпазливи, некои од нив да продаваат иако не планирале да продаваат, изјави Иван Штериев, директор на Македонска берза.

Сепак, тој гледа и шанса, односно можност за заработка ако внимателно се инвестира во одредени индустрии, чии цени наредниот период се очекува да имаат пораст.

- На светските пазари последниве денови постои некој консензус дека постојат дејности коишто можат да донесат профит, ако вложувате во акции на производители на разни суровини или на некои што се бават со „сајбер протекшн“ или можеби во некакви прехранбени производи, истакна Штериев.

Падот на македонската берза не е драматичен поради правилата за котација кај нас. Ако падот на вредноста на акциите се приближи до 7%, тргувањето времено, на половина час се запира. Ако падот достигне 10%, тргувањето во целост се стопира.