Пад на листата за перцепција на корупцијата според Транспаренси
Пад од 2 поени и 12 места на Индексот за перцепција на корупција. Македонија се наоѓа во рангот на држави „Демократии со недостатоци“.
Извештајот на Транспаренси Интернешл покажува дека на Балканот единствено Босна и Херцеговина и Србија имаат полоши резултати од Македонија. А Словенија отскокнува на 36. место со 60 поени.
Падот, според Организацијата, се должи на низата скандали во правосудниот систем.
-Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание врз судството. Лошата контрола на Судскиот Совет кој ја врши врз судиите и 40-те препораки на Оценската комисија на ЕУ. Минатата година имавме и докажан случај на корупција на еден Врховен судија, разрешување на кривичен судија од кавадаречкиот суд кој се слушнал со обвинет на кого му судел, дури 97 се пати се слушнал во неколку дена. Тој понатаму беше суспендиран од Судскиот совет и уште неколку случаи коишто се само загребување на површината на судството во кое граѓаните очигледно немаат доверба, вели претседателот на Транспаренси, Благоја Пандовски.
За премиерот, резултатите се очекувани. Вели, логичен е извештајот, добро е што падот е само 2 поени. Вината ја гледа во претходната власт. Вели, извештајот ги нотира сите недостатоци и тоа е добра основа од каде ќе може да се подобри состојбата во државата.
-Апсолутно ќе ги задолжам и денеска на владината седница, соодветниот министер да јасно ги детектира слабостите, кои таму прилично јасно се детектирани и тие работи да не ни се повторат. Нема да ни се повтори повеќе Соравија во центар на Скопје, нема да ни се повтори измени на Кривичен законик со употреба на европско знаменце, нема да се повторуваат „бентли“, „астон-мартин“, „ролс-ројс“ автомобили на блиски од нашите семејства. Нема да ни се повторат наместени тендери, парцели за фотонапонски централи на високи владини функционери итн, итн, вели Мицкоски.
За опозицијата, пак, падот на листата на Транспаренси е доказ за неспособноста и неуспехот на Владата.
- Оваа Влада ветуваше „беспоштедна борба против корупцијата“, но за само осум месеци успеа да ја доведе Македонија до најслабата позиција на скалата во последните пет години. Со падот на два поени и рангирањето на 88 место, граѓаните јасно покажуваат дека немаат доверба во нивните политики и дека корупцијата е полоша од било кога. СДСМ за време на своето владеење ја зацврсти позицијата на Македонија во борбата против корупцијата, овозможувајќи континуирано напредување на индексот од 2019 до 2023 година. За разлика од тоа, Владата на ДПМНЕ го врати нашиот рејтинг наназад, а земјата ја ставија во групата на најкорумпирани држави во Европа, велат од СДСМ.
Според извештајот на Транспаренси, најдобри резултати покажуваат Данска, Финска, Сингапур, Нов Зеланд, Луксембург, Норвешка и Швајцарија.
Состојбата е најлоша во земјите каде има војни или немири. Најлоши резултати имаат Јужен Судан, Сомалија, Венецуела, Сирија, Јемен, Либија…
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар