Бизнис
13. December 2016 - 11:31

Пад на цените на нафтата на светските берзи

Цените на нафтата на светските берзи денеска бележат мал пад, откако вчера достигнаа највисока вредност во изминативе 18 месеци.

Аналитичарите проценуваат дека падот на цените на енергенсот се должи на внимателноста на инвеститорите во очекување на одлуката на американската Управа на федералните резерви (Фед) околу нејзината идна монетарна политика. 

На Берзата во Лондон северноморскиот „брент“ денеска поевтини за 0,2 отсто на 55,57 долари за барел, додека на електронските тргувања на Њујоршката берза, цената на американската „лесна“ нафта се намали за 0,4 проценти на 52,65 долари за барел.  

На тенденцијата за поевтинување на нафтата драстично не влијаеше денешното објавување на податоците кои укажуваат на стаблизирање на економскиот раст на Кина, која е втора по големина светска економија и еден од водечките потрошувачи на енергенси.

Овие податоци покажуваат дека во ноември трговијата на мало и индустриското производство во Кина пораснале со повисока стапка од очекувањата, додека растот на инвестициите е во рамки на предвидувањата.

Намалувањето на цената на нафтата доаѓа заедно со падот на вредноста на доларот во однос на конкурентските валути, во пресрет на одлуката на Фед.

На Токиската берза еден долар денеска се менува за 115,20 јени, откако вчера тој вредеше 116,12, што е највисока вредност од февруари годинава.

Доларот ослабе и во однос на еврото, па така денеска една европска валута се менува за 1,0630 американски. Вчера едно евро чинеше 1,0560 долари.

Ваквите промени доаѓаат во пресрет на денешниот почеток на дводневната седнициа на раководството на Фед, на која се очекува да биде донесена одлука за зголемување на основната каматна стапка во САД за меѓу 0,25 и 0,5 процентни поени, што би било нејзин прв раст по речиси една година.  

Аналитичарите се речиси стопроцентно сигурни дека Фед ќе ја зголеми основната камата.

- Некои инвеститори, посебно американските хеџ фондови, решија да го повлечат својот профит во пресрет на седницата на Фед и божиќните празници. Сепак шансите за драстилно слабеење на доларот се лимитирани, смета директорот на компанијата „Глобал Инфо“, Канео Огино.

Директорот на инвестицискиот фонд „Сумитомо Мицуи“, Масаши Ода проценува дека некои инвеститори во своите вложувања веќе го пресметале и очекуваното зголемување на основната каматна стапка во САД.

Покрај одлуката на Фед за каматната стапка, која треба да биде објавена утре, врз берзите влијание има и очекуваната промена на економската политика по стапувањето на должноста на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

Трамп во текот на кампањата ветуваше зголемување на фискалната потрошувачка и на инвестициите во инфраструктурата, како и намалување на даноците.

Ваквите мерки, според поголемиот број аналитичари, ќе предизвикаат раст на инфлацијата во САД во следните години, поради што Фед би можел да го забрза темпото на зголемување на висината на основната каматна стапка.