ОУ „Браќа Рибар“, денешно „Димитар Миладинов“, одбележува 65 години постоење
Октомври 1954 година. Вкупно запишани 639 деца. Прво училишно ѕвонче во Машката гимназија.
Вака почнува „приказната“ за основното школо „Браќа Рибар“, едно од најстарите во Општина Центар, кое денеска одбележува 6,5 децении постоење.
Низ „Браќа Рибар“ минале многу генерации. Од март 1994 година, името му е сменето во „Димитар Миладинов“, но училиштето и натаму, посебно за оние што завршиле тука, останува синоним за квалитетно образование и воспитување, како и за едно многу поинакво време.
Школото денес брои 657 ученици во 28 паралелки и 58 наставници, 31 предметен и 27 одделенски.
Во пресрет на јубилејот поразговаравме со директорката Маја Ангелова, исто така поранешна ученичка во „Браќа Рибар“. За неа, традицијата 65 години постоење значи голема општествена и морална одговорност.
-Да се вратиме малку назад. Училиштето е формирано во 1954 година и тогаш го носи името на народниот херој од НОБ, Иво Лола Рибар. Наставата се одвивала во старата зграда на гимназијата „Цветан Димов“, позната како Машка гимназија. Во 1960 година е изграден нов објект во кој училиштето се наоѓа до денес. Од 1961 година, по предлог на д-р Иван Рибар, таткото на Иво и Јурица, го добива името „Браќа Рибар“. Забавишната група е отворена во 1960 година, во 1965/66 е воведен дневен престој за учениците, а во 1970/71 експериментално почнала да функционира целодневната настава во едно прво одделение. Во 1974/75 целодневната настава е воведена од прво до четврто одделение, со што училиштето се вбројува меѓу првите во Македонија со овој вид организација на воспитно-образовната работа, вели Ангелова.
Училишната библиотека е формирана во 1958 година и денес има фонд од околу 14.000 книги. Во школото има и забна амбуланта, од 1970 година.
Работното место „педагог“ постои од 1978 година, а „психолог“ од 1989 година.
Преку 30 години училиштето соработуваше со училишта во СФРЈ кои го носеа името „Браќа Рибар“: во Белград, Загреб, Брежице, Осијек, Тузла, Никшиќ, Пеќ, Семизовац и село Табановци. Се организираа размени на ученици, а секој „25 Мај“ се носеше и Штафетата на младоста.
Во пролетта 1990 година е формирано училишното еколошко друштво „Фиданки“, кое реализирало многу активности за развивање на еколошката свест и култура кај младите генерации. Во 1991 година е воспоставена соработка со училиште од градот Брасак, Франција, додека во периодот 2004 – 2008 година е обновена соработката со основните школи „Петар Краљ Први“ од Белград и „Брежице“ од Брежице, исто така поранешни „Браќа Рибар“.
-Во 2004/2005 година почна со реализација проектот за учење француски јазик од прво одделение, а во 2006/2007 проектот за учење руски јазик од прво одделение. Денес, „Димитар Миладинов“ по тоа се разликува од другите основни училишта. Во него се учат четири јазици: англиски, француски, германски и руски, истакнува директорката и низ насмевка додава дека во годините кога таа учела тука, имало 1.300 ученици, додека оваа учебна година почнала со „чудна“ бројка од 666.
На прашањето колку наставниците успеваат да се „изборат“ со технологијата, компјутерите и смарт уредите кои сé повеќе го заземаат приматот во однос на „класичното учење“, Ангелова напоменува дека се прават максимални напори програмата да биде диференцирана.
-Наставникот секогаш има можност да ја моделира наставата согласно потребите, интересот и капацитетот на учениците. Во оваа смисла, се трудиме секогаш да бидеме чекор напред со различни техники, стилови на учење, преку игри, квизови, „бура на идеи“,…, да обезбедиме услови согласно сите европски и исветски стандарди. На секој начин се обидуваме да го задржиме вниманието на учениците кои секојдневно се преполни со информации, да бидеме пионери, да воведеме нешто ново, нешто по што би се разликувале од останатите, да имаме сопствен идентитет. Специфично е тоа што кај нас децата се на целодневна настава, од осум до 15:30 часот. Значи, мора да бидеме многу инветивни и креативни за да го задржиме нивното внимание, вели директорката.
Според неа, знаењата кои учениците ги стекнуваат во училиштето се куќа, а карактерот е темел и идентитет.
-Треба да се стремиме сите заедно, наставниците, учениците и родителите, да градиме личности кои освен што ќе имаат вештини и ќе бидат компетентни, ќе бидат и луѓе, ќе имаат добар карактер, ќе можат да одговорат на сите предизвици. Особено е важно да им дадеме простор и можност на сите ученици да ги развиваат своите потенцијали за подоцна во живтотот да се формираат во добри личности, одговорни пред општеството, потенцира Ангелова, инаку професор по одделенска настава со 27-годишно работно искуство.
Денешното одбележување 65 години од постоењето на училиштето ќе се одржи во Домот на АРМ. Предвидена е прослава во вид на времеплов. Сите шест декади и пет години ќе бидат претставени преку временска машина на видео бим. Таа ќе го најавува почетокот на работа на школото, неговиот раст и развој низ сите овие години. Декадите ќе бидат прикажани на седум сцени, а ќе учествуваат повеќе од половината ученици.
ОУ „Димитар Миладинов“ и натаму останува едно од најатрактивните скоспки основни училишта. Од него постари во Општина Центар се само „Кирил и Методиј“ и „Кочо Рацин“. Бројот на ученици во последниве години се движи од 600 – 700, но евидентно е неговото намалување, посочува директорката.
Мирјана Чакарова/МИА
Ново на Сител
-
ВО ЖИВО: Како да се заштити Скопје од криминалните банди?
-
Тема на денот со Панче Тошковски, Министер за внатрешни работи
-
Компаниите и владата мора заедно да работат за дигитална трансформација
-
Четири јавни дебати за реформи на Судскиот совет
-
Нов обид за убиство на Раде Штекли – бомба одекна во Ќерамидница
-
Убиство од небрежност
-
Почна собраниската дебата за буџетот за 2025
-
Директорите незаконски си ги зголемиле платите додека Пошта тоне во длабока финаниска криза