Македонија
2. September 2016 - 15:48

Отворна изложба “Чаршијата во Кавадарци, некогаш и сега”

Во рамки на манифестацијата “Тиквешки гроздобер 2016”, денеска во музеј галеријата во Кавадарци, беше отворена изложба на фотографии насловена „Чаршијата во Кавадарци, некогаш и денес”, од авторите Петре Камчевски и Димитар Мурџев.

На 40 паноа, претставени се повеќе од  стотина фотографии. Најстарата, датира од 1915 година.

- Бездруго најубавиот запис за Кавадарци го има дадено македонскиот писател Лазо Каровски, по потекло од Кавадарци, во неговиот роман “Заорок”. На многу убав начин ја опишува чаршијата во Кавадарци од крајот на деветнаесетиот  и почетокот на дваесетиот век. Тој на едно место вели дека ако сакате да ја видите душата на градот, видете ја неговата чаршија, таа е негово огледало, рече Камчевски во своето обраќање.

Тој информираше дека  Кавадарци уште во 1664 година  имал седумдесетина занаетчиски и трговски дуќани, два трговски ана и организиран градски живот. Првиот запис за кавадаречката чаршија го направил патописецот Евлија Челебија. За прв пат во македонската историографија,  Кавадарци како населено место се споменува во 1519 година како мала рурална населба во составот на Ќустендилскиот санџак.

- Во чаршијата се вршел целокупниот јавен живот, тука биле концентрирани најголемиот дел од занаетчиските и трговските дуќани во градот. Во чаршијата на едно поголемо багремово дрво имало закачено ѕвонец, со чие што ѕвонење со изгревот на сонцето се отворала чаршијата, а со негово повторно чукање со залезот на сонцето, чаршијата се затворала. На истото дрво имало и кантар на кој се мерела целата стока што се носела на пазар или пак се продавала во чаршијата, соопшти  Камчевски.

Задоволство од една ваква изложба која кај многумина од многубројните присутни предизвика и емоции, изрази и градоначалникот Александар Панов.

- Луѓе од различни возрасти имаат своја приказна за тоа како изгледала чаршијата во нивно време. Многу од нашите повозрасни сограѓани преку овие фотографии се потсетија на детството и младоста. Токму на чаршијата, сегашниот градски плоштад, овие три дена имаме бројни настани кои ќе бидат посетени од многу луѓе, изјави Панов.