Македонија
23. March 2016 - 22:02

Отворена изложбата на Јана Луловска во Софија

Во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија вечер е отворена самостојната фотографска изложба  „Корелација" на Јана Луловска.
 
На изложбата која ќе биде поставена до 6 април, публиката преку 22 диптиха работени во гумитипија, има можност да се запознае со естетиката и мајсторските умеења на младата македонска уметница.
 
Изложбата ја отвори директорот на македонскиот Центар во Софија Васко Шутаров, а Јана Луловска во својот поздравен говор посебно го образложи процесот на создавањето на овие необични фотографски дела, кои во своето финално претставување наликуваат на акварели.
 
Луловска е родена во 1986 година во Скопје, има завршено фотографија на Академијата за филм и театарска уметност во Софија, реализирала неколку самостојни и повеќе групни изложби, од кои позначајни се нејзините претставувања во Скопје, Брисел и неколку градови во Бугарија.
 
Првата самостојна фото-изложба на Луловска во меѓународни рамки, беше финансиски помогната од Министерството за култура на Република Македонија.