Македонија
4. September 2017 - 14:21

Откриена банда што оперирала низ Штип: Деветмина штипјани краделе се што ќе нашле

Секторот за внатрешни работи– Штип расветли седум случаи на кражби, од кои една тешка и една разбојничка кражба.

Портпаролот на СВР-Штип Гордана Панајотова на денешната прес-конференција рече дека откриени се девет лица кои се сомничат за извршување на овие кривични дела во периодот од мај до јули 2017 година. Станува збор за лица на возраст од 19 до 30 години и сите се од Штип.

- За кривичните дела до Основното јавно обвинителство против овие лица поднесени се пет кривични пријави. Пријавените во временскиот период од мај до јули оваа година на подрачјето на Полициската станица- Штип со намера да се стекнат против правна имотна корист ги извршиле наведените кривични дела и тоа со употреба на сила и погоден алат, искористиле згодна прилика отворале врати и прозорци, влегувале во магацини, дуќани, гаражи, фабрики, куќи, патнички моторни возила во Штип, вели Панајотова.

Таа истакна дека осомничените лица при кражбите одзеле текстилна роба, електрични кабли, мотори, садови за домаќинството, златни предмети, пари, мобилен телефон, при што вредноста на украдените предмети изнесува 640.000 денари.

Панјотова рече дека поголемиот дел од предметите се вратени на граѓаните, а истовремено и се апелира до граѓаните пред да излезат од своите домови да ги преземат сите мерки со цел да се заштитат од крадците.