Македонија
24. August 2017 - 13:50

Отчет на градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов

Градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов денеска на прес-конференција за сработеното во изминатите четири години, информираше дека на подрачјето на општината биле реализирани 161 проект. 

- Од нив, 98 се од мојата програма за работа со која настапив на изборите и нови 63 проекти надвор од програмата кои произлегоа од потребите и барањата на локалното население, посочи Апостолов.

Тој истакна дека по извршените стручни анализи било утврдено дека една од причините за недостигот од вода за пиење во изминатиот период е повеќе од 70 години старата, дотраена и подложна на оштетување водоводна мрежа. 

- Знаев дека предизвикот е голем, дека ме очекува макотрпна и континуирана работа, но сепак во изминатиот период реализиравме бројни проекти за подобрување на водоснабдувањето во општина Неготино, рече Апостолов.

Потенцира дека во изминатиот период се оформиле три индустриски зони за изградба на капацитети од Г-2 лесна и незагадувачка индустрија. Во Индустриската зона „Црвени Брегови”, истакна, продадени се сите 17 парцели на површина од 25 хектари и од страна на инвеститорот се изведуваат работи на терен за изградба на инфраструктура и стопански капацитети.

Наскоро ќе се распише јавен повик за продажба на Индустриската зона „Неготино 1” лоцирана до постоечката на површина од 33 хектари и зоната “Дуброво-Тремник” на површина од 85 хектари, за кои, како што рече, постои огромен интерес. 

- Во изминатите четири години се изградени четири регионални патишта во должина од 13 километри и тоа патните правци Неготино-Криволак, Курија-Паликура, Тимјаник-Долни Дисан, а во завршна фаза е изградбата и на патот од Горни Дисан до Вешје. На подрачјето на општината асфалтирани и бетонирани се улици во должина од пет километри. За потребите на учениците од Средното општинско училиште и Основното училиште „Страшо Пинџур”, изградени се и ставени во функција две модерни спортски сали, а исто така реконструирана е и спортската сала во основното училиште „Гоце Делчев”, рече Апостолов.

Нагласи дека изградиле ново фудбалско игралиште во близина на спортската сала „Младост”, мултифункционално игралиште и двоен тениски терен со тврда подлога во населбата „Саат-кула”, извршена е реконструкција на тениските терени кај СРЦ „Младост”, на двете основно општински училишта во градот, како и на подрачните училишта во селата Долни Дисан, Тимјаник, Тремник, Војшанци, Курија и Црвени Брегови.

- За потребите на ЈП „Комуналец” обезбедено е ново и современо возило за собирање на сметот, поставени се над 100 нови контејнери за смет и 27 контејнери за селективен отпад и повеќе корпи за отпадоци и урбана опрема. Во изминатиот период набавивме ново возило и опрема на неготинските пожарникари, отворивме Дневен центар за престој на стари лица, реализиравме обука и набавивме опрема за потребите на 50 постојани или нови пчелари од нашата општина, отворивме советувалиште за брак и семејство, го одржуваме постојното и поставуваме ново осветлување во Неготино и во селата, додаде Апостолов.