Македонија
22. August 2024 - 16:39

Осомничениот за убиството кај „Мавровка“ е осуденик побегнат од „Идризово“

Осомничените за убиството кај „Мавровка“ се осуденици побегнати од затвор. Еден од „Идризово“, другиот од затворот во Шутка. Според информациите на Управата за ивршување на санкции, 39 годишниот Елвир кој вчера заработи притвор како директен сторител на убиството, затворот Идризово го напуштил во април. Добил слободен викенд, ама повеќе не се вратил во затворската ќелија. Издржувал единствена 14 годишна затворска казна за различни кривични дела. Последната двегодишна казна на неговото конто е заради поседување, производство и трговија со оружје.

Сега, обвинителството го сомничи за свирепо убиство од користољубие, но и обид за убиство на полицијаците кои го апселе.

За случајот има уште еден осомничен за кој истрагата претпоставува дека му помагал на убиецот. И тој е бегалец, а азтворот во Шутка го напуштил минатиот месец.. Синоќа сам се пријавил во полициска станица откако дознал дека го поврзуваат со убиството кај Мавровка. Негирал дека го ограбил автомобилот на жртвата и  управувал со возилото од кое се пукало кон полицијата, па се уште се бараат докази за неговата вмешаност. Од денеска е вратен на доиздржување на затворската казна.

„Во тек се вештачењата на материјалните докази со кои се утврдува основаноста на сомненијата за вклученост на ова лице во настанот. Со оглед на тоа што приведениот е осудено лице за друго кривично дело и бил во бегство од КПУ Затвор – Скопје врз основа на издадената потерница и по консултација со јавен обвинител, тој денеска е вратен во затворот со максимални мерки за обезбедување“, информира Јавното обвинителство.

Премиерот на државата пак најави дека институциите засилено ќе работат на справување со припаднците на како што вели, скопското подземје. Смета дека брзото расветлување на убиството но и неодамнешните казни за лица од правосудството ја враќаат кај граѓаните довербата за работата на судовите и обвинителството.

„Институциите, брзо и молскавично го расчистија случајот, нешто што во минатото не беше случај и затоа довербата во правната држава. Последните мерења покажуваат дека за првпат имаме повеќе наши сограѓани што веруваат во борбата против криминалот и корупцијата на оваа влада, отколку што не веруваат“, изјави Христијан Мицкоски, Претседател на Влада. 

Убиството кај Мавровска се случи во вторникот. Застрелан беше 58 годишен маж за кој разбојниците сметале дека со себе носи злато бидејќи членови од семејството поседувале златарница.