Основната каматна стапка зголемена на 3,5 проценти
– Каматната стапка на благајничките записи се зголемува за 0,5 процентни поени и достигна ниво од 3,5 проценти, одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.
Понудата на благајнички записи на редовната аукција останува непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
– На седницата беше одлучено да се зголемат и каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,5 п.п. При носењето на одлуката беше обрнато особено внимание на нагорните придвижувања на инфлацијата, којашто во септември повторно забрза, исклучиво поради прехранбената и енергетската компонента. Исто така, со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, промените во домашната монетарната политика ги одразуваат и промените во монетарната политика на Европската централна банка, велат од Народната банка.
Народната банка уште од крајот на минатата година отпочна со постепено нормализирање на монетарната политика, заради одржување на среднорочната ценовна стабилност. Ова беше направено преку соодветно управување со ликвидноста, како и со постепено зголемување на основната каматна стапка. Ваквата монетарна поставеност беше поддржана и со дополнителни мерки, односно со промени кај инструментот задолжителна резерва насочени кон намалување на евроизацијата, како и со системски мерки, односно со воведување противцикличен заштитен слој на капиталот од 0,5 проценти, со што дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем.
– Се очекува дека со зголемувањето на основната каматна стапка, заедно со направените промени во стапките на издвојување задолжителна резерва коишто се поповолни во однос на домашната валута, и понатаму ќе се делува врз каматната политика на банките и ќе се стимулира штедењето во денари, велат од Народната банка.
Домашната инфлација, велат од НБ, и понатаму во најголем дел е определена од надворешните фактори, односно од порастот на увозните цени на храната и енергентите, вклучително и на домашната цена на електрична и топлинска енергија, коишто се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија.
– Од тие причини, околу 80 проценти од годишната стапка на инфлацијата во септември, односно 75 проценти од инфлацијата во првите девет месеци од годината, се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. Со оглед на подолготрајните притисоци од овие цени под влијание на непредвидливи надворешни фактори и нивните преносни ефекти врз цените и на останатите производи и услуги, се подгреваат и инфлациските очекувања на економските субјекти. Поради тоа, потребно е водење претпазливи домашни политики заради внимателно управување со побарувачката. Иако кај цените на храната веќе се видливи поизразени надолни приспособувања на светските берзи, сепак нагорните притисоци од цените на електричната енергија го отежнуваат, односно го забавуваат пренесувањето на овие трендови кај цените на храната на домашниот пазар, појаснуваат од НБ.
Домашниот девизен пазар останува стабилени девизните резерви бележат постојан раст, којшто заклучно со септември е над проектираниот. Девизните резерви се во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди.
Во вториот квартал од годинава остварен е реален раст на бруто домашниот производ од 2,8 проценти на годишна основа, колку што изнесуваше и очекуваната стапка на раст според последните проекции на Народната банка.
– Збирно, за првото полугодие остварувањата се малку подобри од проекциите на Народната банка. Сепак, расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во третиот квартал упатуваат на забавување на реалниот економски раст, што заедно со надолните ревизии на странската побарувачка поради ефектите од воениот конфликт во Украина и сè поголемата енергетска криза,ги нагласуваат надолните ризици за растот во следниот период, се наведува во соопштението од централната банка.
Кредитната активност и натаму расте и е малку над проекциите на централната банка, при поизразено забрзување на растот на вкупните депозити, но малку поумерено од очекувањата.
– Општо земено, неповолното надворешно окружување носи нагласени ризици и налага водење претпазливи домашни политики. Геополитичките тензии неповолно влијаат и врз цените и врз економската активност во глобални рамки и се главен извор за актуелната енергетска криза во Европа. Неизвесноста од овие случувања и натаму е главен ризик за целокупниот макроекономски контекст. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, со цел да се одржи стабилноста на девизниот курс и среднорочната ценовна стабилност, наведуваат од Народната банка.
Ново на Сител
-
Евростат: Луксембург најмногу издвојува за здравствената заштита на граѓаните
-
Пласидо Доминго во Скопје
-
Хрватска го одбележува Денот на сеќавање на жртвите од Вуковар и патриотската војна
-
Прва средба меѓу британски и кинески лидер по шест години
-
Грција на 20 ноември ќе биде блокирана од штрајкот на вработените во приватниот и јавниот сектор
-
НБO: Зелениот картон е во функција, непрактична е идејата за укинување на зелената карта само за државите од ЦЕФТА
-
Поевтинува мазутот, цените на бензините и на дизелот не се менуваат
-
Наместо да го стави во употреба директорот го украл ехо апаратот од болницата во Кичево