Македонија
20. March 2019 - 16:50

Оштетени бисти на првоборци во Градскиот парк во Битола

Оштетени се неколку спомен бисти на првоборци од НОБ кои се наоѓаат во Градскиот парк во Битола. Најоштетени се спомен бистите на Коле Лачето, Томаќи Димитровски, како и на Стерјо Ѓорѓиевски чија глава беше отстранета од бистата. Негови роднини кои секој ден доаѓаат кај неговата биста утрово беа затекнати од глетката.

- Случајно кога застанав, Стерјо Ѓорѓиев ние стрико, зошто се уништуваат овие работи од минатото. Овој чин го осудувам, рече ЈЕЛКА ЃОРЃИЕВА, РОДНИНА НА ПРВОБОРЕЦОТ СТЕРЈО ЃОРЃИЕВСКИ.

Од Општинскиот одбор на Сојуз на борци-Битола велат дека веднаш направиле увид и ги известиле СВР Битола, ЈП Комуналец и општината. Велат дека веќе подолг период трае оштетувањето на спомениците и мора да се обрне поголен внимание за заштита на спомен обележјата. Сметаат дека се работи за вандализам, бараат да се најдат сторителите и соодветно да се казнат.

- Со сигурност тврдам дека не се работи од политички побуди, немаме такви податоци. Веројатно се работи за деца хулигани кои сакаат да направат лошо, да отстранат или да ишктртаат биста, истакна АЛЕКСАНДАР ТРАЈКОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОЈУЗ НА БОРЦИ БИТОЛА.

Во спомен паркот се наоѓаат 28 бисти на првоборци од НОБ.