Македонија
25. July 2021 - 16:37

Оризопроизводителите незадоволни од поддршката на државата

Оризопроизводителите од Кочанскиот регион незадоволни од Министерството на земјоделие по однос на исплатата на субвенциите, зелената нафта и откупната цена на „белото злато“. Илчо Зашов од с. Спанчево секоја година под ориз посејува 8 ха. Вели дека во магацинот му стои непродаден ориз од ланската и пред минатогодишната реколта.

- Некаде околу 100 тони ориз имам. Од поланска година ми останаа 300 вреќи, а мината година наполнив 1400 вреќи. Добро е што имам добар објект, инаку ќе ги хранам глувците, изјави Илчо Зашов, оризар од с. Спанчево.

Од Водостопанство „Брегалница“ секој ден му тропаат на врата за плаќање на водниот надоместок во висина од 80 000 денари, а на име субвенции треба да земе уште 50 % или 120 000 денари, кои не му се исплаќаат зошто нема платено водарина. Затоа нуди многу практично решение.

- Државата ако може директно од субвенциите да ги префрли парите на Водостопанство, а на мене нека ми го исплати остатокот. Тоа е добра комбинација, ама нас земјоделците никој не не слуша, додаде Зашов.

Количината на т.н „зелена нафта“ велат дека е недоволна да се пристигне до полето, а не со неа да се обработуваат нивите.

- Еден литар на декар даваат. Како е пресметан тој трошок да даде 1 литар на трактор од 70 или 100 коњски сили, со 4 клипови, ќе го потроши горивото од селото до овде да дојде, изјави Јорданчо Лефков, жител на с. Спанчево.

Откупната цена на арпата постојано паѓа и во моментот се движи помеѓу 14 и 17 денари, што според оризарите е под прагот на рентабилност.