Органски се само производите со националната ознака - сонце околу кое вирее фиданка
Само оние домашни производи кои на себе ја имаат националната ознака - сонце околу кое вирее фиданка, се органски. Потрошувачите тоа треба да го знаат за да прават разлика и за да бидат сигурни во она што го купуваат, беше речено денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на промоцијата на новата веб-страница www.organskisvet.mk.
- Не сите производи што се продаваат како органски, се навистина такви. За да бидат сигурни дека купуваат домашни органски производи и за да не бидат изманипулирани, потрошувачите треба да ја препознаваат националната ознака - сонце околу кое вирее фиданка. Ознаката гарантира дека производите се органски, дека ги исполнуваат сите стандарди и дека зад нив стојат многу контроли, рече Оливера Бичиклиски од Секторот за органска храна во МЗШВ.
Според претседателот на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) Маријана Лончар Велкова, постојат многу заблуди околу органската храна и нејзиното означување. Затоа е неопходна едукација и добро информирање.
- За домашните органски производи законски е забранета употребата на термините „еко“, „био“, „еколошки“ и на сите префиски, суфикси, кратенки или нивни комбинации изведени од терминот „органско“ кои може да го доведат во заблуда купувачот. Само органските производи кои се увезени може да бидат декларирани како „еколошки“, „биолошки“,..., согласно усвоениот термин во земјата од која доаѓаат, нагласи Лончар Велкова.
Интересот за органските производи во земјава се зголемува. Најмногу органски се произведуваат житни култури, а најмалку градинарски.
- Во земјава моментно има околу 350 органски производители. Цената на органското производство не отстапува многу во однос на конвенционалното. Свежиот органски компир, на пример, е само пет денари поскап од конвенционалниот. Сепак, некои производители ги продаваат органските производи како конвенционални зашто стравуваат дека поради нешто повисоката цена, не ќе може да ги пласираат, истакна Бичиклиски.
Таа смета дека нашите производители на органска храна треба да се здружат зашто само така ќе обезбедат доволна количина на пазарот.
На веб-страницата www.organskisvet.mk што ја изготви ОПМ со поддршка на МЗШВ може да се прочита што е органска храна, како да се препознае и каде може да се купи. Страницата содржи и многу други информации од областа на органското производство, неговите предности, состојбата во Европа и во светски рамки,...
Страницата е промовирана во рамки на глобалната кампања Зелена недела што се одбележува од 3 до 9 октомври. Кампањата ја спроведуваат 43 организации во 31 земја.
Ново на Сител
-
Скопјанец испразнил туѓа сметка и земал речиси 700 илјади денари
-
Фрлена рачна бомба во двор во Прилеп, оштетени прозорци и два автомобили
-
Уапсен 41 годишен маж - Со воздушна пушка пукал кон куче
-
Измамен скопјанец за сума од над 18 илјади денари
-
Исчезна 13 годишно девојче од Куманово
-
Шекеринска одржа прием и им се заблагодари на сите чинители за поддршката
-
Украина објави дека руската ракета истрелана кон Дњепар развила брзина поголема од 3.773 метри во секунда
-
Протест поради проблемите со автобускиот превоз во Скопје