Македонија
18. December 2021 - 16:34

Општините штедат на празничната атмосфера

Општините од Југоистокот годинава решија да штедат на новогодишно украсување. Дел од нив воопшто и не распишаа тендери за нови украси, а еден дел тоа ќе го направат со многу помали буџети во однос на претходните години. Струмица која е и најголема од десетте општини во овој дел од државата наместо првично предвидените 1 милион и 500.000 денари ќе потроши 400.000.

„Во рамки на советот предложив намалување на ставката за новогодишно украсување од милион и петстотини илјади денари на 400 илјади денари. Тоа што општина Струмица го планира да го обезбеди за новогодишно украсување е само на местото на плоштадот“, вели Костадин Костадинов, градоначалник на Општина Струмица.

Намалување на средствата за новогодишно украсување направи и општина Радовиш. И од таму информираа дека новогодишна атмосфера во градот ќе има, но тоа ќе биде скромно без големи трошоци.

„Постапувајќи според протоколите и ново настанатата состојба, а имајќи ја во предвид енергетската криза која ни се случува насекаде одлучивме да потрошиме скромни средства за украсување на градот се со цел само да ги одбележиме новогодишните празници и за радоста на децата. Тоа значи дека буџетот кој што се трошеше годините наназад ќе биде преполовен се со цел тие средства да ги искористиме за плаќање на многу нараснатите сметки за електрична енергија за улично осветлување како не би влегле во новата година без светло“, вели Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш.

Новогодишно ќе биде украсена и Гевгелија, но таму решиле тоа да го направат без да трошат дополнителни средства. Украсувањето ќе биде само во централното градско подрачје и тоа со постоечките украси со кои располага општината. И во Општина Дојран нема да трошат за таа намена. Туристичкиот центар ќе ја има новогодишната атмосфера, но со старите украси. Ваквиот модел на украсување ќе го применат и во Ново Село, Босилово, Василево и Конче.