Македонија
31. October 2018 - 15:23

Општина Велес интензивно работи на чистење на дивите депонии

Голем број локации во Велес и непосредната околина се нагрдени со диви депонии од  градежен шут и друг комунален  смет  потенцира за МИА, општинскиот инспектор за животна средина Билјана Шуркова Манаскова и апелира за совест на граѓаните.

Таа ги потсетува дека  градежниот  смет треба  го исфрлат  исклучиво на депонијата за градежен шут на ЈКП „Дервен“, која се наоѓа на излезот од Велес во населбата Тунел.

Како што појаснува Шуркова Манаскова, во насока за почист град, општина Велес, а согласно Програмата за управување со отпад за 2018, деновиве спроведе четири поголеми акции за чистење на диви депонии во Велес и непосредната околина.

– Со ангажирање на  фирмата „Коп инженеринг“ од Скопје со тешка механизацја веќе се исчистени  дивите депонии: кај Топилницата, над селото Горно Оризари во непосредна близина на новите грбишта, во месноста „Дервенски поток“ во близина на Градскиот пазар и на рекреативниот центар езеро „Младост“, појасни Шуркова Манаскова.

Најави дека општината со помош на истата градежна фирма во наредните денови  ќе ги исчисти и дивите депонии на излезот од Велес покрај реката Тополка во месноста викано  „ОХОХО“,  како и дивите депонии од левата страна на градот.

Од општина Велес апелираат до граѓаните на совесни постапување со отпадот и воздржување од дејствија на оставање, напуштање, спалување и неконтролирано отстранување на секаков вид отпад. Со тоа ги потсетуваа дека само така ќе ја заштитат животната средина и своето и здравјето на останатите сограѓани.

Воедно  потенцираа дека во спротивно за несовесните граѓани, ќе бидат принудени  на примена на соодветни казнени мерки, а што е во согласност со Законот за управување со отпад.