Македонија
10. July 2024 - 12:34

Општина Струмица ќе дава субвенции за приклучување на гас

Домаќинствата кои ќе ги заменат дрвата и пелетите со гас ќе бидат целосно ослободени од надоместокот за приклучок на гасоводната мрежа. Ваква мерка најави општина Струмица со цел  да го намали загадувањето на амбиенталниот воздух во градот.

Ослободувањето во висина од близу 47 000 денари по домаќинство ќе биде во форма на субвенција, а мерката ќе се реализира по принципот прв дојден прв услужен. Предлогот за новата субвенција на почетокот од идната недела ќе се најде и пред општинските советници кои треба да ја донесат конечната одлука.

Независно од новата мерка, на сила останува и претходната со која домаќинствата имаат директно субвенционирање на цената на гасот од 10 денари по метар кубен. Од Струмица гас велат дека инвестицијата која граѓаните треба да ја направат за да се префрлат на природен гас ќе им се исплати за неколку години и е поисплатлива од другите енергенси.

Во Струмица моментално природен гас користат околу 400 физички и правни лица. Со новата мерка што ја предлага општината се очекува за една година оваа бројка да се зголеми за најмалку уште 100 приклучоци.