Македонија
23. October 2016 - 13:53

Општина Ресен го одбележа Денот на македонската револуционерна борба

Делагеција на општина Ресен денеска положи цвеќе пред споменикот на Револуцијата на градскиот плоштад „Цар Самоил“ по повод одбележувањето на Денот на македонската револуционерна борба, 23 октомври.

Во рамките на одбележувањето на 123. годишнината од формирањето на Македонската револуционерна организација се одржа и историски час во Спомен куќата на Татарчеви во Ресен, на кој беше потенцирана улогата на првиот претседател на Македонската револуционерна организација д-р Христо Татарчев, во чија чест е изградена Спомен куќата.

Ресенскиот градоначалник Ѓоко Стрезовски го истакна значењето на денешниот празник, посочувајќи дека неговото славење е почит кон борците кои ги дадоа животите за македонската слобода и независност.

- Славењето на денешниот ден е всушност истакнување на достојна почит кон сите борци низ македонската историја, кои своите животи ги втемелиле во нашата слобода и независност, истакна Стрезовски.

Пред споменикот на Револуцијата цвеќе положи и делегација на ВМРО – ДПМНЕ, предводена од претседателот на општинската организација во Ресен Јован Тозиевски.

- Овие светли денови на нашата историја треба да ја имаат функцијата на обединувачки фактор кај сите Македонци, а во исто време треба да се основа за градење на силна и просперитетна држава, рече Тозиевски.