Македонија
6. August 2019 - 12:05

Општина Неготино повика невработени лица да се пријават за општокорисна работа

Општина Неготино објави јавен повик со кој се повикуваат невработени лица да се пријават за општокорисна работа.

Оттаму појаснуваат дека активноста е врз основа на договорот  за соработка меѓу Агенцијата за вработување, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и општина Неготино, оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 година усвоен од Владата i програмата за општокорисна работа финансирана од буџетот  на Агенцијата.

– Се работи за проект „Ангажирање на образовни и лични асистенти на деца со попреченост вклучени во редовна настава и асистенти на воспитувачи во групи за предучилишна возраст во рурални средини”, за работно ангажирање од 20 часа неделно за период од 9 месеци,заради стекнување на вештини и постепено вклучување на пазарот на труд. За периодот додека лицата се работно ангажирани, не го губат статусот на невработено лице. На невработените лица-корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман ќе им биде активно правото на користење на социјална помош, појаснуваат од општината.

Право на учество имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата кои за прв пат се јавуваат за оваа работа. На кандидатите  кои ќе бидат избрани ќе им биде исплатен паричен надоместок за работно ангажирање во висина од 9.000 денари месечно со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.

Евидентираните невработени лица кои ќе се пријават треба да припаѓаат на една од групите на невработени лица како долгорочно невработени лица, млади до 29 години или постари од 50 години, лица корисници на право на парична помош од социјална заштита или корисници на паричен надоместок по основ на невработеност, лица кои биле корисници на програмата условен паричен надоместок за средно образование или такви кои имале статус на деца без родители и родителска грижа, жртви на семејно насилство, лица со попреченост, жени припадници на ромската етничка заедница и на останатите етнички заедници, лица припадници на ромската етничка заедница,  самохрани родители, родители на деца со пречки во развојот, родители на три и повеќе деца.

Работните позиции се однесуваат на ангажирање на личен и образовни асистенти во училиштата.