Македонија

Општина Дебрца почна со реконструкција на дел од Културниот дом во селото Злести

Општина Дебрца стартуваше со активности за реконструкција и санација на дел од Културниот дом во селото Злести, што предвидуваат замена на кровниот покривач, целосна замена на надворешната столарија од објектот, изведување на нова армирано бетонска плоча, обработка на внатрешните ѕидови, изведба на нов спуштен плафон и замена на електричната инсталација во тој дел од објектот.

Од Локалната самоуправа информираат дека со реконструкцијата на посочениот простор од Културниот дом жителите на селото Злести ќе добијат место каде што ќе можат да се дружат, да организираат разни манифестации, средби и состаноци. Домот на културата ќе можат да го користат месната заедница, разни здруженија, младите, спортските друштва, односно сите што ќе имаат потреба за тоа.

Градоначалникот на Општина Дебрца Игор Трајкоски при денешната посета на Злести истакна дека целта на зафатот е создавање на услови за подигнување и развој на културниот живот во селото и обезбедување простории за сместување на разни таргет групи и активности поврзани со потребите на жителите.

За реконструкција и санација на односниот дел од Културниот дом се обезбедени 538 илјади денари, средства од буџетот на Општина Дебрца. Предвидено е понатаму да биде спроведена реконструкција на целиот објект на Културниот дом во Злести, со средства што би се обезбедиле преку Бирото за регионален развој од Скопје.