Викендов ќе се знае дали ќе продолжи намаленото ДДВ на горивата
Владата викендов ќе одлучува дали ќе ја продолжи мерката за пониско ДДВ на горивата. Намалувањето од 18 на 10% завршува во понеделник, заедно со попустот кој го добиваат најголемиот дел од бензинските станици. Премиерот вели дека добар сигнал е тоа што нафтата на светските берзи утрово падна на стотина долари за барел, но мора да се почека петок кога ќе заврши тргувањето, па потоа да се прават пресметки која би била цената што ќе ја донесе Регулаторна.
- Доколку видиме дека ќе имаме зголемување на цените на безоловниот бензин и на дизелот, тогаш апсолутно дека ќе ја продолжиме таа мерка сè додека трае кризната состојба. Ако продолжи и понатаму, ќе ја продолжиме и кризната состојба и ќе ја продолжиме повторно мерката и ако повторно ескалира, имаме уште алатки на располагање. Се разбира, акцизите, тука се и акцизите, што сè уште ни стојат на располагање. Во овој прв месец во историски најголемата нафтена криза по онаа од 1973 година, односно од седумдесеттите години на минатиот век, ние како држава рефлектираме стабилност и сигурност и план да се справиме со овие предизвици – кажа Мицкоски.
Какви антикризни мерки ќе се скројат, најмногу зависи од тоа колку пари има во државната каса.
- Ние оваа година треба да вратиме две и пол милијарди евра, стари долгови направени од претходната влада. Во моментов се врши исплата на т.н. солидарен данок, прва рата, во вредност од 25 милиони евра, од претходната влада. Во моментов ги сервисираме сите оние обврски и недовршени обврски од претходната влада. Во зависност од ресурсите со коишто располагаме, такви мерки и правиме – изјави премиерот.
И покрај ваквата состојба, Македонија е единствената земја во регионот која оваа недела не ги зголеми цените на горивата, рече Мицкоски. Ќе нема ниту поскапување на струјата. ЕСМ има на располагање над 3 илјади тони мазут од стоковите резерви, а акумулациите се полни над 40%. Државните електрани имаат струја дури и за продавање на берза и од тоа заработуваат до 150 илјади евра дневно. Владата го следи и движењето на цените на храната. Пазарните инспектори поделени во 30 тимови секојдневно се на терен. Заедно со Комисијата за заштита на конкуренцијата се работи и на нов закон со кој ќе се зголемат казните за нефер тргвоски практики. Најавите за поскапување на лебот се анализираат – доколку е неоправдано ќе се напишат глоби.
Од друга страна, Филипче оцени дека премиерот не оди во маркет. Лидерот на СДСМ вели дека поскапувањата почнале и затоа растот на минималната плата не е доволен.
- Со 1.667 денари денес може да се купат два килограма домати, два килограма краставици, една табла јајца и четири литри бензин. Премиерот вика дека имаме најниски цени на горивата во регионот. Тоа не е точно. Хрватска и Словенија имаат многу слични на нас. Ама кажува ли премиерот колкава е минималната и просечната плата? Па минималната плата во Хрватска е 1.000 евра, а во Словенија 1.500. А имаме слични цени на горивата – истакна тој.
Филипче ѝ предложи на Владата да направи проценка на резервите на гориво и да обезбеди нови извори на снабдување за земјава да не остане без енергенси, ако се случи државите од каде што увезуваме да воведат забрана за извоз.
Македонија има резерви на гориво за 60 дена, но снабдувањето тече без проблеми и засега нема ни ограничување за точење и покрај зголемата потрошувачка од странци кои овде си ги полнат резервоарите поради пониските цени.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
