Македонија
25. December 2020 - 21:17

Општина Аеродром потрошила најмногу пари за новогодишно украсување од скопските општини - 30.000 евра

И покрај препораката од Влада да не се троши на непродуктивни работи, сепак дел од општините платија за украсување во своите населби. Иако сите тврдат дека ги намалиле средствата кои првично им биле наменети за декорација, општина Аеродром отскокнува од другите општини и за изнајмување на сијалички потрошиле 30.000 евра. Оваа сума е предвидена за еден месец да ја краси општината. Граѓаните на ова реагираа дека за овие пари можеле да ги купат сијаличките и да им користат за сите наредни години. Други пак сметаат дека средствата требало да се искористат за компјутери за ученици, за училишта и ранливи категории граѓани.

Од Општината за Сител велат, дека оваа сума е за 40% намалена од првичниот план, другите средства ги вложиле за борба со пандемијата .Целта со украсувањето им била да внесат како што велат зрак светлина во тешкиот период со коронавирусот.

Општина Карпош  потрошила нешто помалку за украсување. Предвидената сума ја пренамениле и за сијалички, новогодишна елка потрошиле 10.000 евра.

Гази Баба на својот фејсбук профил објавија фотографии од украсите но  не наведуваат за колку пари.

Ниту денар не потрошиле ни Општините Ѓорче Петров,  Центар, Кисела Вода. Од службата во Центар велат со ребалансот ги пренамениле средства како помош за ковид кризата.

Тендерот на Град Скопје годинава тежи  200.000 евра за елката и сијалички кои се поставени  на булеварите, парковите и Плоштадот Македонија. Градоначалникот Шилегов изјави дека нема да се откаже од украсувањето кое значело среќа и радост,  бидејќи оваа година многу работи им биле ускратени на децата и граѓаните.