Македонија
23. May 2024 - 11:01

Определени мерки за претпазливост за Иџет Мемети

По предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје денеска определи мерки за претпазливост за Иџет Мемети, второосомничен во истрагата поврзана со примање награда за противзаконито влијание во која е вклучен и врховниот судија, Наке Георгиев.

Осомничениот, согласно одлуката на Кривичен, има обврска повремено да се јавува во судот, одземена му е патната и друга исправа за напуштање на државната граница и има забрана за издавање нова.

Во изјава за медиуми, осомниченииот Мемети, денеска пред Кривичен рече дека е во сечиј интерес постапката да заврши што побрзо. 

- Од мој интерес, и од интерес на јавноста, е што побрзо органите да ја завршат својата работа. Ова секако како човек ме погодува, меѓутоа, не е добро да зборувам пред медиумите за работа која се води по судски пат. Ве уверувам дека многу брзо ќе заврши и ќе излезе дека ништо незаконски не сум направил, изјави Мемети.

Во однос со релациите со врховниот судија Георгиев, тој рече дека ги познава сите судии и обвинители и со нив се дружи, но, дека не разговарал за предмети.

Претходно, Основниот кривичен суд му определи мерка притвор во траење од 30 дена на врховниот судија Наке Георгиев, поради постоење на сомневања дека може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело.

Двајцата осомничени се дел од истрагата што ја отвори ОЈОГОКК и се сомничат за „примање награда за противзаконито влијание“.

Истрагата е отворена по акцијата на МВР која следува по претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.