Опозицијата ја блокираше работата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците
Опозициските членови на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците не дозволија да почне 33-тата седница на која на дневен ред по вторпат се најде Предлог законот за Академија за судии и јавни обвинители. При обидот на претседателката на Комисијата Соња Мираковска да ја отвори точката од дневниот ред, бурно реагираа членовите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателката на Комисијата даде еден час пауза.
Претходно, пратеникот Дејанчо Ефтимов во процедурална забелешка рече дека истиот текст на законот кој бил доставен до Собранието на почеток на август во редовна постапка без знамето на Европската унија, бил повлечен од страна на Владата и во септември со знамето на ЕУ бил ставен на Комисијата и сега повторно власта се обидува да ги заобиколи процедурите и да го донесе законот.
Тој побара претседателката на Комисијата да му го врати предлог-законот на претседателот на Собранието.
-Точката на дневен ред не е отворена, бидејќи процедуралното има предност пред кое било ваше излагање, бидејќи вие само претседавате со Комисијата. И минатиот пат кога разговаравме за овој закон ви напоменавме дека од вашите лукративни побуди како мнозинство да прошверцувате закон кој вам ви одговара, вие прво го поднесовте во редовна постапка за по 10 дена истиот го повлечете и истото законско решение да го поднесете со европско знаменце, рече Ефтимов.
Тој истакна дека закон кој ќе влијае на правосудниот систем во наредните децении, не треба да се носи без редовна постапка, а во расправата за него треба да се вклучат сите засегнати, бидејќи од Академијата ќе излезат идните судии и обвинители.
-Вие сакате да го партизирате целосно и судството и обвинителството, рече Ефтимов.
Претседателката на Комисијата Мираковска посочи дека законското решение е влезено во собраниска процедура преку претседателот на Собранието до Комисијата и оти нивна обврска е да го разгледаат.
– Никој во државата нема да ви поверува дека овде ќе се носи закон за Академија на судии и обвинители спротивно на она што Европска унија смета дека е исправно. Дадени се препораки од ЕУ во април 2018 година за обука на судии и јавни обвинители и тие се однесуваат на составот на органите на управување и раководење и нивниот мандат, дефинирање на начинот на полагање на приемни и завршни испити, намалување на роковите за одлучување по приговори и жалби од приемниот испит и зајакнување на начинот на спроведување на континуираната обука. Тоа се решенијата на предлог-законот. Вие сакате тој процес да го запрете со илјадници амандмани. Бидејќи ова е усогласен закон и усогласени се амандманите, го повикувам министерот да ја образложи потребата од предлог-законското решение, рече Мираковска.
По нејзиното излагање се слушна вресок од некоја од пратеничките во салата, по што Мираковска ја прекина седницата и даде еден час пауза.
Ново на Сител
-

Екстрадиран Саит Саитов кој во јануари избега во Србија откако прегази жена во Капиштец
-

Лавров: САД сакаат да го купат европскиот дел од Северниот тек
-

Туск: Можеби е подобро што Зеленски поради војната со ордените не доаѓа утре во Гдањск
-

ЦУК: Еден пожар активен, еден ставен под контрола, седум изгаснати
-

Мерц: Поддржете ја мојата пензиска реформа или ќе пропуштите шанса што се случува еднаш во генерација
-

УЈП: Наближува рокот за поднесување на првите даночни пријави врз основа на Законот за минимален глобален данок на добивка
-

Собранието не ја прифати интерпелацијата за министерот Тошковски
-

Инцидент во Црниче: По недоразбирање во сообраќај, возило удрило моторциклист па избегало од местото
