Свет
20. April 2017 - 21:41

Оланд: Ќе ја оставам земјата во подобра состојба отколку кога дојдов на функцијата

Францускиот претседател Франсоа Оланд, кој на оваа функција ќе остане уште околу еден месец, зборувајќи за направеното од негова страна во претседателскиот мандат, денеска изјави дека Франција ја остава во подобра состојба отколку кога дојде на функцијата во 2012 година, јави дописникот на МИА од Париз..

Далеку од телевизиските подиуми на кои единаесетте претседателски кандидати вечерва ќе се соочат пред првиот круг од изборите, Франсоа Оланд ги продолжува своите проштални патувања низ Франција.

Пред да се отворат избирачките места шефот на државата неделава сакаше да се сретне со гласачите, за да испрати пораки на предупредување против ризиците што произлегуваат од некои кандидати и номинации. Тука пред се мислеше на Марин Ле Пен и Жан-Лук Меланшон.

На оваа проштална турнеја низ земјата, Франсоа Оланд, исто така, ги брани и резултатите од неговите петгодишен мандат минат на чело на државата. Во Лот, каде денеска застана, на маргините на посетата на фабриката Андрос, во оштината Биарс сур Сер, Оланд ги потенцира позитивните и добри работи за време на неговото владеење со земјата.

- На мојот наследник му оставам земја во далеку подобра состојба отколку што ја најдов, изјави тој, поздравувајќи ги вчерашните позитивни прогнози за рекордно високото ниво на вработување, што беа објавени од Центарот за вработување.

"Имаме повеќе вработување, невработеноста паѓа, имаме инвестиции, се зголемува растот", подвлече Франсоа Оланд.

-Сакам мојот наследник од оваа база да оди уште понапред, и да не се најде во искушение, како што некои тоа го најавуваат, да уништува, деконструира, да го врати она што е направено пред пет години, кажа тој пред новинарите, со многу недоверба кон намерите на некои претседателски кандидати.

Шефот на државата остави сомнеж за името што во недела ќе го заокруѓи ќе го стави во гласачката кутија.

-Она што јас го знам, е тоа што не го сакам: една земја која се одделува од светот, која се оддалечува од Европа, ги напушта своите сојузи, која сее поделби и проблеми кога се соочуваме со закана која бара обединување , кажа Оланд, мислејќи притоа на програмите на Жан-Лук Меланшон и Марин Ле Пен.

Франсоа Оланд ги предупреди гласачите на најавите за "чистки кои не се потребни", а се предложени од победникот на прелиминарните избори на умерената десница-Републиканците.

"Ние направивме напори потребни за да бидеме компетитивни, но, исто така, да го унапредиме социјалниот напредок", рече тој.