ОЈО ќе се жали на одлуката на Кривичен, наместо притвор тепачите во М-НАВ да добијат мерки на претпазливост
Јавното обвинителство ќе се жали на одлуката на Кривичниот суд, наместо притвор да им додели мерки на претпазливост на четворицата тепачи кои упаднаа во контролната кула на М-НАВ.
-Јавниот обвинител во текот на денешниот ден ќе вложи жалби на одлуката на судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје со која беше одбиен предлогот за определување мерка притвор за четворица осомничени за кривично дело - Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај и им беа определени мерки на претпазливост, велат од Јавното обвинителство.
Доцна синоќа судија на претходна постапка Кривичниот суд не го прифати барањето за притвор. Издаде мерки на претпазливост, па осомничените добија забрана да ги напуштат градовите во кои живеат, ќе мораат да се јавуваат во судот на определено време, а одземени им се и пасошите. Добија забрана за комуникација со нападнатиот контролор, но не и забрана за влез во објектот на М-НАВ.
Четворицата, меѓу кои и претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири кој е советник во Македонска навигација се товарат загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај за што е предвиден затвор од една до 10 години.
И денеска не престануваат реакциите за инцидентот во М-НАВ. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека за време на упадот во контролната кула два авиони кружеле над Скопје повеќе време и чекале дозвола за слетување. Поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев тврди дека во текот на денот на скопскиот аеродром слетале и два воздухоплови на НАТО. За него е спорно тоа што напаѓачите не добија притвор.
- Скандалозно е што насилниците по извршениот упад во М-НАВ и делењето на шамари и клоци судот ги пушти без притвор, само со мерки за претпазливост. Во тие мерки, во соопштението, не се наведува дека им е забрането да одат повторно во институцијата, каде извршија кривично дело, што значи дека тепачите на ДУИ потмогнати од СДС, можат во секое време да го повторат делото. Ова ли е европската агенда на ДУИ и СДС? Ова ли е начинот на кој ќе ја внесуваат Македонија во ЕУ?, вели Чулев.
Од БЕСА, пак, велат дека ДУИ не се грижа за безбедноста на граѓаните и институциите туку им е важно да ги заштитат платите на Незири и двајцата директори, Хамиди и Деари кои се движат од 3 до 4 илјади евра.
- Откако насилството на партиските војници на ДУИ на чело со Беким Незири во М-НАВ го уништи имиџот на државата пред меѓународната заедница и можеше да ја стави нашата земја во целосна меѓународна изолација, уште еднаш ја повикуваме ДУИ итно да го исклучи Беким Незири од која било партиска функција и да побараат негова смена од функцијата советник на директорот во М-НАВ. Исто така итно бараме разрешување на двајцата директори Фахрудин Хамиди и Хасим Деари. Ако не го направат ова, тогаш ДУИ ќе се запамети како организација на криминални функционери кои предизвикуваат насилство и за свои интереси се способни да ги уништуват меѓународните институции, вели Љуљзиме Амети од БЕСА.
Првиот човек на Македонска навигација нападот го оцени како „кошкање“ и „конфликт меѓу вработени кои се знаеле повеќе од 20 години“.
Синдикатот веќе ги информираше меѓународните институции и се очекува да пристигнат меѓународни експерти за да ја надгледуваат состојбата во М-НАВ. За во вторник е најавено дека на владина седница ќе биде разрешено раководството на Акционерското друштво во државна сопственост.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар