Македонија
17. January 2020 - 13:08

„Охрид-Водици 2020“: Научната мисла во справувањето со предизвиците околу заштитата и управувањето со природното и културното наследство

Позитивните искуства во светот, пред се препораките на научната фела во справувањето со современите предизвици за заштита и управување со природното и културното наследство, се целите на дискусиите во рамки на Меѓународната конференција „Охрид-Водици 2020“ што од денеска по осми пат се одржува во Охрид.

Министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на Националната комисија за УНЕСКО Едмонд Адеми, во обраќањето пред учесниците ја истакна потребата од заштита на сите природни и културни богатства во земјата, особено притоа имајќи го предвид охридскиот регион како природна и кутурна реткост заштитена од УНЕСКО.

– Најголемиот предизвик пред кој се наоѓа секое развиено општество е токму заштитата на природното и историското наследство што го поседува. Тоа не е опција, туку обврска и должност. Покрај евроатлантската интеграција, УНЕСКО стана еден од клучните политички приоритети на државната надворешна политика. Свесни сме за придизвиците со кои се соочуваме околу сочувувањето на статусот на охридскиот регион во УНЕСКО, што е еден од највиските приоритети на Владата, рече Адеми притоа посочуваќи ги преземените чекори во таа насока, согласно Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство и препораките на УНЕСКО.

Тука ги посочи изготвувањето на Планот за управување со охридскиот регион и Стратегиската оцена за влијанието врз животната средина, како рамка на понатамошното делување, се со цел создавање хумана и одржлива урбанизација која нема да дозволи нарушување на културниот пејзаж и нерационална експлоатација и уништување на природните ресурси.

Експертите согласни за потребата од поголемо вклучување на научната фела и експертските анализи во справувањето со современите предизвици со кои се соочува културното богатство и природните реткости.

– Имаме доста активен невладин сектор и политики на локално и државно ниво, но некако она што недостасува е придонесот на научната мисла во справувањето со проблемот. Преку овој собир се обидуваме да придонесеме за повеќе да ја вклучиме науката во справувањето со предизвиците. Секој од учесниците доаѓа тука со свои трудови, така што сметаме дека од тие презентации ќе произлезат некакви препораки што потоа би биле доставени до надлежните институции како насоки за понатамошно делување, рече Рубин Земон, претседател на огранизацискиот одбор на Конференцијата.

На собирот во Охрид учествуваат 36 експерти, научници, стручни работници, уметници, политичари од десет земји, кои преку своите искуства, знаења и истражувања ќе се обидат да дадат придонес кон осветлувањето и решавањето на одредени прашања и проблеми.

Говорејќи за современите предизвици во светот Зоран Виторовиќ, главен и одговорен уредник на „Журналот за Глобални процеси“ од САД, посочи дека генерално светот се соочува со проблемот во начинот на размислувањето. Тој забележува дека во време на четврта индустриска револуција не може повеќе да се размислува аналогно, туку треба да се премине кон дигитален начин на размислување.

– Живееме во време на егоизам, аутистични елити кои не обрнуваат внимание дека она што се случува се случува сега и овде, а не некаде во другиот дел на планетата. Постои криза на генерациите, младите генерации не веруваат никому, на ниту една политичка партија, на ниту еден политички систем. Тие немаат време да размислуваат, а доколку не го прочитаат нешто на гугл, за нив тоа не постои. Тоа е проблем со кој ќе се соочиме, проблемот на недостиг на храна, недостиг на вода за пиење, загаденост на животната средина, прашања за кои никој не води сметка, предупредува Виторовиќ.

Научната конференција во Охрид се одржува во организација на ФОН Универзитетот и Институтот за социо–културна антропологија, во партнерство со „MIRAS“ – Социјалната организација за поддршка на проучување на културно наследство од Баку, Азербејџан, списанието „Руски политички науки“ од Москва, Русија, како и списанието „Журнал за глобални процеси“ од САД.