Македонија
8. јуни 2016 - 10:54

Одземени пасошите на приведените професори од Економски

 
Судија на претходна постапка на петмина приведени од Економскиот факултет во рамки на акцијата „Еразмус“ им определил мерки за обезбедување присуство или привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, забрана за нејзино издавање, и обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган.
 
Вчера МВР информираше дека криминачистичкото истржување траело две години. Професорите директно или индиректно преку посредници, барале и примале поткуп со цел студентите да ги положат испитите по предметите кои ги предавале.
 
Поднесена е кривична против осум лица на возраст од 29 до 65 години, од кои шестмина професори на „Економски факултет“ Скопје, еден демонстратор и сопственик на правен субјект „БОБ ДЕН Кетеринг“ со подружница ресистрирана со седиште „Економски факултет“ Скопје.
 
Осомничените во повеќе случаи за кои се обезбедени докази, барале различни суми од студентите кои се движеле од 500 до 1000 евра. За сметка на добиените пари, тие им впишувале преодни оцени кои не ги заслужувале, а документирани се и случаи каде оценка добиле студенти кои или немале право да полагаат или пак воопшто не го пријавиле испитот во испитната сесија. Во некои од случаите шемата била разработена така што сопственикот на бифето поткупот во вид на парични средства го земал директно од студентите, а потоа го предава на асистентот, за истиот да ги даде на професорите со цел истите во индексите на студентите да впишат преодна оценка 6 за предметите кој ги предаваат и покрај тоа што истите не го поседуваат потребното знаење за положување на испитот.
 
Врз основа на претходно издадени Наредби од Судија на претходна постапка, за претрес на дом и други простории беа извршени тринаесет претреси од кои седум во домовите, потоа четири во професорските кабинети со седиште на „Економски факултет“, како и во просториите на правниот субјект „БОБ ДЕН Кетеринг“ и студентските прашања при „Економски факултет“ Скопје.
 
При претресот кај еден од осомничените во возилото кое го управувал пронајдени се парични средства во износ од 1000 евра (16 банкноти во апоени од 50 евра, како и две банкноти во апоени од 100 евра) кои се предмет на кривично дело. Кај друг професор пронајден е и одземен телефонски апарат Ајфон 6, предмет на кривично дело, а пак во неговиот кабинет пронајдени и одземени се четири индекси сопственост на студенти од „Економски факултет“ Скопје, а во домот на друг осомничен е пронајден еден индекс. При извршениот претрес во просториите на бифето пронајдени се две пријави за испит, а пак од просториите на студентски прашања при „Економски факултет“ Скопје одземени се 17 досиеја на студенти најчесто од прва студентска година. Исто така при претресите пронајден е нотес во кој се содржани податоци од студенти, матични броеви и сл.