Македонија
25. January 2020 - 13:25

Одгледувачите на свињи бараат на терен да се преземат мерките против африканската чума

Превентивните мерки за африканската свинска чума во земјава се декларативни, оцени претседателот на Асоцијација на земјоделци и на групацијацијата на одгледувачи на свињи, Ефтим Шаклев.

Забележува дека опасноста од неа е реална, бидејќи на само 25 километри од нашата граница во Бугарија и Србија е пристигната оваа болест, од која се ништат голем број  свињи. Шаклев вели дека одгледувачите на свињи бараат на терен да се преземат сите мерки, што ги донесе Владата, со цел да се заштитат македонските свињи од оваа опасна болест.

-Донесени се заклучоци на Владата, а ние тоа не го разбираме, бидејќи требало да биде одлука за да бидат правно изводливи мерките, што ги предлагаше Владата. Што значи ние сме донесени во заблуда и мислиме дека заклучоците на Владата се нешто применливи во пракса, но додуша ништо не се применува. Ниту има заштита на границите, мислам од дезинфекција, ниту има појачана контрола на личниот багаж, што го викаме, ниту депониите се исчистени од пуштените свињи. Нели викаме да се забрани тоа, да не се пуштени свињите, да не се ранат со помии, со ѓубре. Тоа не е исто така направено, затоа што некој министер по финансии одлучил да не дава пари на Агенцијата за храна и ветеринарство да не се уништат тие свињи, па ако нема пари со што ќе се уништат, тие свињи, вели Шаклев.

Смета дека е бадијала ангажирањето на Агенцијата за храна и ветеринарство во делот на едукативните предавања, а мерките во пракса не се спроведуваат.

-Имаше најава од вицепремиерот дека во ловот на дивите свињи ќе биде вклучена и Армијата, ништо не се случува. Ловот си оди нормално. Ние разговаравме со главниот што е за лов и шумарство во Министерството и се договоривме ако има потреба да го одложат времето на ловот, но таа е многу мала мерка, ништо нема да се постигне со тоа, ако навистина не се преземаат поригорозни мерки во отсрелот на дивите свињи, вели Шаклев.

Додава дека досега е пријавено отсрел на околу 1.000 диви свињи, а требало да бидат 4.000.

-Да претпоставиме дека има уште 1.000 непријавени. Тоа се повторно 2.000. Многу е голем бројот на дивите свињи што ги имаме, мора да се преземат навистина мерки, за кои ќе се договорат сите заинтересирани субјекти, дали тоа ќе биде Министерството за земјоделство, па да ги викне АХВ, па да ги викне Царина, од факултетот и да се договорат на кој начин да се намали популацијата на диви свињи во Македонија, ако сакаме да го намалиме ризикот за појава на африканската чума, вели Шаклев.

Тој истакна дека опасноста од појавата на африканска чума е голема, а како што вели свињарството е единствена сточарска гранка, која има подем и се развива во земјава.

-Штетат е да се уништи од невнимание, од непреземени мерки на неколку луѓе на кои тоа им е работа. Ние не сакаме ништо друго освен тоа што е донесено на Влада да се спроведе на дело, вели Шаклев.

Во соседна Бугарија досега  се уништени околу 300.000 свињи, поради африканската чума. Во Берлин утре завршува и меѓународната конференција Зелена недела посветена на справување со предизвците од африканската чума, што веќе се појави и во земји од ЕУ.