Бизнис
28. August 2016 - 15:38

Одбелжан денот на рударите во РЕК Битола и во РЕК Осломеј

Во рудникот Суводол на РЕК „Битола“ денеска беше одбележан 28 август - Денот на Македонските рудари. На свеченоста, покрај менаџерскиот тим на РЕК „Битола“ и вработените на Комбинатот, присуствуваа и претставници на УО на АД ЕЛЕМ Скопје, предводени од генералниот директор Дејан Бошковски.

Во своето обраќање, директорот на РЕК „Битола“ Јовко Крстевски, како што соопшти АД ЕЛЕМ, го истакнал значењето на работата на рударите во крајните производни резултати на РЕК „Битола“, додека директорот на рудниците во РЕК„Битола“ Зоран Богдановски се осврнал на постигнатите  резултати на оваа производна единица во периодот помеѓу двата празници. 

На присутните им се обратил и генералниот директор на ЕЛЕМ Дејан Бошковски, кој акцент во своето стави на инвестициите  на компанијата во РЕК„Битола“ насочени кон зајакнување на неговите капацитети и продолжување на неговиот век на работење..

Тој истакнал дека  во изминатиот период  превземени се серија на  теренски  истраги околу резервите на јаглен  во околината на РЕК„Битола“,  кај Брод – Гнеотино,  а во тек се и подготвителни активности  за јагленовите лежишта Живојно и Мариово. За проектот Живојно во тек е  изработка на главен рударски проект и негова ревизија,  додека во однос на Мариово во тек е изработка на физибилити студија  околу начините на транспорт на јагленот од тоа лежиште до РЕК„Битола“

Бошковски нагласил дека во наредните две години ќе се реализира инвестицијата за набавка на рударска опрема која ќе ги засили капацитетите на рудниците во РЕК„Битола“ ,  за тие,   со свои сили, без ангажирање на надворешни компании ќе можат во целост да ги задоволат потребите од гориво за термоелектраните.

На прославата во рудникот Суводол традиционално биле прогласени и најдобрите рудари за оваа година, како и победниците на спортските работнички игри, кои синдикалната организација  ги  организира  во чест на Денот на рударите.

Денот на рударите беше пригодно е одбележан  и во рудникот на  РЕК „Осломеј“.