Македонија
23. August 2023 - 8:32

Одбележување 22 години од формирање на Единицата за брзо распоредување

Денот на Единицата за брзо распоредување - 23 Август денеска ќе биде одбележан на две локации, во Куманово и во Скопје.

Во кругот на СВР Куманово во 09:30 часот ќе биде откриено спомен обележје на 8-те загинати припадници на македонската полиција, кои ги положија животите во 2015 година во вооружена престрелка со терористичката групација во кумановско „Диво Насеље“, а во одбрана на Куманово и татковината.

Како што информира МВР, од 09.30 до 12.30 на Градски парк кај автобуската станица граѓаните и најмладите ќе имаат можност да се дружат со припадниците на македонската полиција, каде ќе биде изложена и опрема на ЕБР според концептот „МВР за граѓаните“.

Централната прослава на свеченоста по повод одбележувањето на 22-годишнината од формирањето на Единицата за брзо распоредување е закажана на паркингот пред базенот во Куманово со почеток од 19:00 часот. Најавени се обраќања на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и на Вице Столевски, командант на Единицата за брзо распоредување. 

Во Скопје, во базата во Ѓорче Петров ќе биде положено цвеќе на спомен-плочата на загинатите и починати припадници на ЕБР. 

- Ве повикуваме да дојдете заеднички да го прославиме Денот на формирањето на Единицата за брзо распоредување. Ние го продолжуваме веќе поставениот концепт „МВР за граѓаните“, се наведува во соопштението од МВР.