Македонија
23. December 2016 - 15:11

Одбележани 110 години од загинувањето на Даме Груев

Музејот на македонската борба денеска одбележа 110 години од убиството на револуционерот  Дамјан Даме Груев (19 јануари 1871 - 23 декември 1906), еден од основачите и најистакнатите членови на Македонската револуционерна организација. Одбележувањето на годишнината е во рамки на активностите на  Музејот кој оваа година пригодно ги означи и јубилеите за дваесетина значајни личности од македонската историја.

- Музејот на македонската борба е место на помирување на генерациите и на сите оние кои на еден или на друг начин се бореле за Македонија. Оваа година се потсетивме и на Ѓорѓи Сугарев, и на генералот Михаило Апостолски, и на Панко Брашнаров. За секоја од овие личности, кои ги положиле животите за оваа држава, тука има место каде што им се оддава почит и се потсетуваме на се она што тие го дадоа за нас. Овие потсетувања не наведуваат и да размислуваме ние, денешната генерација, што правиме, како се однесуваме и дали имаме должна почит и кон нашата држава, и кон нашето минато,  рече Бранислав Светозаревиќ, директор на Музејот на македонската борба. 

 

За дејноста на Груев во револуционерната организација, неговата активност во основањето на првите околиски комитети, ставовите за востанието, зборуваше историчарката Ивана Слезенковска.

- Кога станува збор за Македонската револуционерна организација, неминовно треба да станува збор за делата, учеството и придонесот на еден од најистакнатите нејзини членови - човекот кој беше волјата на Организацијата и најголемиот спроведувач на идејата за која таа беше основана, истакна Слезенковска.

На паноа во Музејот првпат се презентирани документи од тајната кореспонденција меѓу Дамјан Груев и револуционерот од Охридскиот округ Христо Узунов. Писмата се датирани од 1900 и 1901 година и содржат нивни договарања за организирање и мобилизација, за набавка на оружје, притоа внимавајќи на разните пропаганди. Писмата ги дешифрирал Узунов. Засега тие се дел од архивата на Музејот а ќе бидат публикувани по стручна архивистичка обработка. 

 

На настанот посветен на Груев учествуваа деца од ПОУ „Иднина“ од Скопје, а во музичкиот дел настапија ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Во оваа пригода директорот Светозаревиќ рече дека од отворањето во 2011 година имале над 200 илјади гости и посетители од стотина земји.

- Тоа не охрабрува да продолжиме во насоката во која почнавме да работиме и успеавме да се наметнеме, не само како значајна установа во Македонија, туку и во странство каде што за овие пет години добивме две престижни награди - Специјална награда од Европската музејска академија која Музејот ја доби во Бурса, и минатата година - Специјална награда во Санкт Петербург, истакна  Светозаревиќ.