Бизнис
8. January 2020 - 14:53

Од утре почнуваат инфо-деновите за ИПАРД 2 Програмата

Од утре почнуваат инфо-деновите за потенцијалните баратели на финансиски средства од ИПАРД Програмата 2014-2020.

Како што објави министерот за земјоделство, Трајан Димковски на својот фејсбук профил, овој месец инфо-деновите се наменети за мерката 3: „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“.

-Утре ќе се одржат две работилници, едната во Ранковце во 10 часот во Противпожарниот дом, а втората ќе биде во Свети Николе во 14 часот во големата сала во Собранието на општината. Мерката 3 овозможува кофинансирање на трошоците за инвестиции во изградба или реконструкција на преработувачки капацитети и опрема, наведува Димковски.

Инфо караванот продолжува на 15 јануари во Прилеп, а 16 јануари е резервиран за жителите на Тетово и Кичево.

Инфо деновите во Скопје ќе се одржат на 17 јануари во општините Карпош и Аеродром.

Во Битола караванот ќе пристигне на 23 јануари, во Градско на 24 јануари, додека во Кочани на 28 јануари.

Инфо деновите за Мерката 3 ќе завршат во Богданци на 29 јануари.

Корисници на Мерката можат да бидат правни лица (трговски друштва во рангот на микро, мали, средни претпријатија до 250 вработени и годишен обрт до 50 милиони евра) и задруги кои што се занимаваат со преработка на млеко и млечни производи, преработка на месо и месни производи (вклучувајќи јајца и живина), преработка на овошје и зеленчук (вклучувајќи компир, печурки и легуминозни култури), преработка на житарки, мелнички производи и скроб, растителни и животински масти и масла, шира, вино и оцет, а и оние правни лица кои произведуваат енергија со преработка на примарна биомаса од растително и животинско потекло, со исклучок на биомаса од рибни производи.

Инфо-деновите се во рамки на кампањата што МЗШВ ја спроведува заедно со Телото за управување со ИПАРД фондовите и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а е поддржана од Европската унија. Целта е сите заинтересирани земјоделци да добијат детални информации за начинот на поднесување барања и документација, како и за бенефитите што ги нудат мерките од ИПАРД 2.