Македонија
15. July 2019 - 18:08

Обвинителството побара притвор за две лица за примање награда за противзаконито влијание

Јавното обвинителство побара притвор за две лица кои се сомничат дека сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а едното од нив е осомничено и за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Обвинителството од 2 мај годинава против овие две лица водело предистражна постапка при која се собрани повеќе вербални и материјални докази што даваат основа против нив денеска да се отвори истражна постапка по кривична пријава.

– Истражната постапка се води зашто од ноември 2018 година до април 2019 година првоосмоничениот искористувјаќи го своето влијание врз јавен обвинител, влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка, а второсомничениот битно придонел со тоа што договарал континуирани средби и воспоставување меѓусебен контакт на првоосомничениот со сопругата на осомничениот во таа постапка лично со осомничениот, рече на прес-конференција попладнево обивнителката Вилма Русковска.

На средбите, како што рече, осомничените ги увериле сведоците во влијанието на првоосомничениот врз јавниот обвинител и за посредувањето во два наврата примиле вкупно 1,5 милион евра. Средбите се одржувале на повеќе места во домот на сведоците, но и во домот на првоосомничениот.

 

– При овие средби од сведокот биле побарани најпрво 8 милиони евра да се запре истражната постапка, а доколку постапката не се запре тогаш во насока на изнаоѓање олеснителни околности сведокот требало да им исплати пет милиони евра со тоа што веќе дадените 1 милион евра во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4 милиони евра било договорено да се исплаќаат сукцесивно на четири месечни рати. Откако осомничените се посомневале во доверливоста на средбите и можноста за откривање на кривично правниот настан повеќе не остварувале средби со сведокот во таа насока, образложи Русковска.

За првосомничениот покрај ова кривично дело се води и истрага за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ зашто претходно примените средства од кривичното дело примање награда за противзаконито влијание ги пуштил во оптек како легално стекнати пари и со нив купувал предмети, облека, плаќал одмор иако сето тоа ги надминувало неговите приходи.

На новинарски прашања обвинителката не ги откри идентитетите или иницијалите на осомничените почитувајќи ја пресумпцијата на невисност, ниту одговори дали се лицата за кои денеска беше соопштено дека се приведени, ниту, пак, идентитетот на обвинителот врз кој тие имале влијание.  Во случајот биле иксористени одредени ПИ-мерки.