Македонија
6. February 2019 - 15:42

Обуки за инженери за користење на БИМ технологијата за енергетска ефикасност на градбите

Педесетина инженери од сите области во наредниот период ќе се обучат за користење на БИМ (Building Information Modeling) методологијата  за дигитално водење на проекти од фаза на идеја, проектирање, градба, управување и одржување преку која се подобрува енергетска ефикасност на зградите и се намалуваат трошоците за проектирање и градба.

-Европската Комисија веќе сериозно работи на директива за примена на БИМ методологијата во градбите со која би се зголемила енергетската ефикасност на зградите. Нашиот проект Трејни покажува дека во Македонија многу малку од инженерите се обучени да ја работат БИМ методологијата. Токму затоа  во наредниот период цел ќе ни биде да обучиме 50-тина добри инженери од сите области за да може  во Македонија да се користи оваат технологија, порача професорката на ФЕИТ Христина Спасевска пред почетокот на обуката во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИННО ФЕИТ.

Таа нагласи дека градежниот сектор во земјава веќе има барања за примена на БИМ методологијата.

-Со оглед на нашето мало искуство во примената на оваа методологија во рамите на Трејни проектот ангажирани се експерти од странство кои ќе помогнат  да обучиме тренери за БИМ технологијата и да изградиме корикулуми и тренинг материјали кои ќе бидат акредитирани во нашето Министерство за образование и наука и Центарот за возрасни, но и препознаени од градежниот сектор како вештини кои треба да ги имаат инженерите во Република Македонија, посочи Спасевска.

Според претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија Андреја Серафимовски, во последниве десет години има голем подем на градежништвото и урбанизмот во светски рамки, технологиите одат напред и иновациите стануваат реалност.

-Сепак за жал градежништвото е најслабо дигитализрано од сите гранки што  доведува до низа последици што ги чувствуваат граѓаните. Тоа значи дека во градежништвото постои простор да се подобри ефикасноста и квалитетот и да се подигне обемот на работа. Тоа може да се постигне со следливост на некои процеси, имајќи систем на работа и преземање активности. Токму тоа го нуди БИМ технологијата, потенцира Серафимовски.

Претседателот на Здружението за енергетика при Стопанската комора на Македонија Ристо Јаневски посочи дека проектот Трејни нуди одлични можности за стекнување на нови знаења и во областа на енергетиката.

-Дел од активностите кои ќе се реализраат во наредниот период во овој проект ќе бидат за обучување на дизајнери и инсталатери на фотоволтаични и соларни панели. Со новиот Закон за енергетика и третиот пакет на либераизација на пазарот на струја ќе се појават можности и домаќинствата да инсталираат мали или поголеми фотоволтаични централи, а тоа ќе значи дека ќе биде неопходен кадар како инженери, техничари и инсталатери на панели. Токму овој проект многу ќе помогне да дојдеме до квалификуван кадар, рече Јаневски.

Иганси Перез, потпретседател на шпанската Компанија за БИМ технологија, посочи дека е во Македонија за да одржи обука за инженери за БИМ методологијата.

-Во рамките на овој проект ќе организираме обуки и програми  за учење на БИМ технологијата што ќе се случуваат на локација и он-лајн за да можат сите на пазарот да земат учество во нив. Се обидуваме преку оваа програма да воведеме одржливост и енергетска ефикасност и на тој начин да креираме подобри градби и да го подобриме процесот на градење, изјави Перез.

Томаш Фундик, потпретседател на БИМ асоцијацијата на Словачка и професор на Факултетот за електроинженерство, порача дека целта на обуките е во Македонија да се намали празнината за БИМ технологиите и на тој начин да се намалат трошоците за градба и енергетска ефикасност на градбите.

-Европа гледа голем потенцијал во БИМ технологијата ,бидејќи со неа може да се намали потребното време и трошоците при градбата. Затоа е потребно во Македонија да се обучат луѓето и да им се објасни што точно значи оваа технологија и на тој начин да ги намалиме трошоците, рече Фундик.