Македонија
24. October 2019 - 11:11

Објавена збирката раскази „Неми филмови“ од Димитар Димоски

Денеска од печат излезе збирката раскази „Неми филмови“ од Димитар Димоски, како 176 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. Со години наназад ИЛИ-ИЛИ ги поддржува македонските дебитантски автори. Румена Бужаровска, Снежана Младеновска Анѓелков, Ирена Јорданова, Давор Стојановски, Силвија Митевска, Игор Анѓелков... своите први книги ги издадоа токму во/за ИЛИ-ИЛИ.

Оваа низа на најдобар можен начин ја продолжува Димитар Димоски со својата дебитантска збирка раскази.

Димитар Димоски (1992) е роден во Охрид. Добитник е на наградите: „Нова Македонија“ за расказот „Создавач на светови“ (2014), награда „Живко Чинго“ за расказот „Мојата куќа во Крс’ Џамија“ (2015) и „Нова Македонија“ за расказот „Неми филмови“ (2016). Член е на литературниот клуб „Григор Прличев“ од Охрид. За својата прва објава, авторот Димоски вели:

„Неми филмови“ е збирка од дванаесет подолги и пократки раскази кои заокружуваат една концептуална целина. Неслучајно, драматургијата на редоследот со кој се подредени овие раскази е силно поткрепена од стилот, тонот, атмосферата на самата наративност и нивната промена на крај. Оттука, делото започнува со истоимениот расказ „Неми филмови“, кој суптилно ни го наговестува она што понатаму следи, а тоа е дека расказите во оваа збирка, иако содржински различни, се поткрепуваат и надополнуваат во темите кои ги обработуваат. Затоа, на „Неми филмови“ може да се гледа како на албум од кратки мигови, или пак како на еден краток сон и она малку што се зачувува од него откако ќе се разбудиме.

Во поговорот во книгата, писателот Ненад Јолдески потенцира:

„Неговото прво дело „Неми филмови“ претставува збирка раскази кои авторот ги пишувал во текот на неколку години. Расказите претставуваат своевидна наративна мапа на животот во малите градови и заеднички мотив на секој од овие раскази е поимањето на провинцијата како начин на живеење или како својство на човековата природа. Ова дебитантско дело срамежливо кокетира со малите урбани херои - ликови кои не успеваат да си го пронајдат местото во животот или пак кои стојат и чекорат во место. Оттука, пишувајќи во прво лице, авторот насочено не` води низ темите што ги развива со колоритен јазик, ослободен од надворешната форма што би значела – опис на настаните и било какви стеги во изразот и стилот.

Низ расказите провејува една топографска нестабилност, удвоени и исплетени нарации, а стилски книгата понекогаш продира отаде границите на магичниот реализам и надреализмот, па така авторот, доживувајќи го расказот како еден „краток миг“, мала мини експлозија, умешно го полни неговото јадро до самиот крај, до точка на потребен притисок кој завршува во малечок микрокосмос“.