Бизнис
29. November 2019 - 15:28

НП „Маврово“ одбележа 70 години од постоењето

Националниот парк „Маврово“ денеска одбележа 70 години од постоењето. На свеченоста што се одржа во хотелот „Радика“ беа претставени дел од актуелните мерки и планови за заштита на животната средина и презентирана новата веб платформа и мобилна апликација која треба да им го олесни престојот на посетителите.

Директорот Самир Ајдини најави дополнителни вложувања за унапредување на туристичката понуда.

– Наша обврска е да создадеме спој во кој природата нема да биде покорена од човекот, туку човекот ќе биде нејзин елемент кој ќе ја заштитува и негува. Само така ќе создадеме одржливи и квалитетни решенија за иднината. Нашата улога е на следните генерации да им го оставиме паркот најмалку онаков каков што сме го добиле од нашите предци, истакна Ајдини.

Веб платформата и мобилната апликација наскоро ќе биде ставена во функција и ќе овозможи брз и едноставен начин на плаќање влезници, дозволи за риболов, пристап до мапи и угостителски услуги.

На свеченоста беа доделени награди за најуспешните фотографи кои се пријавија на конкурсот „Приказни за убавините на НП Маврово“ и беше прикажан документарен филм за ова заштитено подрачје.

На 18 април 1949 година е донесен закон за прогласување на шумските предели околу Мавровското поле за прв национален парк. Три години подоцна, површината на националниот парк е зголемена за шестпати, односно од 11,750 на 73,088 хектари.

Националниот парк Маврово изобилува со богата флора и фауна и е природно живеалиште на балканскиот рис, кафеавата мечка, дивата коза, радичката пастрмка. На територија на паркот има 86 планиски врвови со над 2.000 метри надморска височина, шест климатски појаси од 600 м.н.в до над 2.250 м.н.в, 16 кањони, 42 пештери, леднички езера, водопади и неколку ендемски видови.