Македонија
14. May 2018 - 15:12

Ново пијано во КИЦ-Скопје

Културно-информативниот центар од Скопје доби ново пијано за потребите на музичката активност во „Салон 19,19“. Се работи за донација од Интернационалната фондација за музика и уметност (IMAF), со седиште во Вадуц, Лихтенштајн, која неодамна помогна и во реновирањето на камерниот салон на КИЦ-Скопје. 

Новото пијано е од марката „Гранд пиано - Јамаха C6X“, има нов, одличен звук, а донесено е преку овластениот дистрибутер на „Јамаха“ во Македонија, еден од најголемите продавачи на музички инструменти „До ре ми“ од Скопје. 

Досега КИЦ-Скопје користеше пијано од марката „Петроф“, кое веќе одамна е амортизирано бидејќи е донесено во институцијата уште во 1972 година.

- Оваа донација претставува историски чин, не само за КИЦ, туку воопшто за музичката култура во нашата земја затоа што „Салон 19,19“ е единствен и најпознат простор за концерти и камерни состави во градот Скопје. По сугестиите на повеќемина врвни музички уметници за дотрајаноста на пијаното старо 46 години, кое често бараше штимање пред изведба (последните години се користеше повеќе за пијано придружба, отколку за соло изведби), раководството на КИЦ направи напор да донесе нов инструмент што ќе им биде од корист на новите генерации музички изведувачи, соопшти КИЦ-Скопје.

Овој месец КИЦ најавува концертна промоција на новото пијано со настап на еминентни пијанисти што најдобро би ги покажале неговите перформанси. 

Концертната активност во КИЦ, која е зголемена по реновирањето на салонот, се очекува уште повеќе да добие на квалитет со новиот инструмент, кој останува во трајно наследство на институцијата. Тој нема да се користи за секаков вид на концерти, туку само за посебни пригоди и гости, додека стариот клавир останува во функција како придружен инструмент. 

„Салон 19,19“ е првиот и единствениот камерен простор во Македонија со бројни солистички рецитали, камерни концерти и со сопствена продукција. Тука се одржани повеќе од 2.000 концерти на реномирани македонски, европски и светски музички уметници, како и на наши уметници во Европа и светот. Меѓу нив позначајни се настапите на Московскиот филхармониски оркестар, Полскиот филхармониски оркестар, Гудачкиот оркестар „Антонио Лучио“ од Холандија, Гудачкиот сексет на Минхенската филхармонија, Гудачки квартет „Бриндизи“ од Велика Британија...,како и Стефан Миленковиќ на виолина (САД), Максим Федотов на виолина (Русија), Алберхт Бројнингер на виолина (Германија), Николај Лугански на пијано (Русија), Евгениј Корољов на пијано (Германија), Алексеј Володин на пијано (Русија) и др.