Балкан
4. August 2023 - 10:56

Новите градоначалници во Грција ќе имаат петгодишен мандат

Градоначалниците и префектите во Грција, кои ќе бидат избрани на локалните избори во октомври, одново ќе имаат петгодишен мандат како што важеше во периодот 2014-2019 година, а партиите веќе започнаа со претставување на нивните кандидати, јави дописничката на МИА од Атина.

Преку циркуларно писмо, Министерството за внатрешни работи на Грција, надлежно за изборниот процес, информираше за начинот на кој ќе се спроведат локалните избори.

За разлика од претходните избори кога мандатот на локалните власти беше четири години, сега функциите ќе ги исполнуваат пет години, односно од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2028 година.

Првиот круг на локалните избори е закажан за 8 октомври, а за да биде избран победник, потребно ќе биде еден од кандидатите да добие над 43 отсто од гласовите, односно 43 проценти плус еден глас.

Во спротивно, една седмица подоцна, на 15 октомври ќе се одржи втор круг.

Паралелно, партиите веќе започнаа со претставување на кандидатите за градоначалници и префект.

Владејачката Нова демократија ги поддржа кандидатурите за втор мандат на актуелните градоначалници на Атина, Солун и Пиреас, Костас Бакојанис, Констанинос Зервас и Јанис Моралис.

Опозициската СИРИЗА за градоначалник на Атина го предложи поранешниот пратеник Костас Захариадис, иако се споменуваше името на поранешниот кошаркар од Панатинаикос, Никос Папас.

Рокот за доставување на кандидатурите, кои за првпат за локални избори ќе бидат по електронски пат, е до крајот на месецов.