Македонија
17. October 2020 - 9:07

Нови предлог-мерки за заштита од Ковид-19, откако бројот на новозаболени стана загрижувачки

Поради високата стапка на новозаболени од Ковид-19, Комисијата за заразни болести вчера донесе нови предлог-мерки со кои се забранува организирање на настани, се скратува работното време на сите економски субјекти до 23 часот, и до 50 отсто да е исполнет капацитетот во јавниот превоз. Надлежните уверуваат дека постојат механизми за справување со вирусот, но во никој случај нема да се носат одлуки кои ќе и наштетат на економијата.

За воведување на полициски час засега не се размислува, но во идниот период сите мерки стојат на располагање.

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера изјави дека очекува новите предлог-мерки да ги разгледува Владата во понеделник, а за претходните предлог-мерки пак, потребни се одредени законски измени.

-Согласно важечките уредби со законска сила, потребно е да се направат законски измени за претходните мерки. Законот е веќе во собраниска процедура и очекуваат следната недела да се изгласаат претходните предложени мерки како задолжително носење маски на отворено, забрана за групирање по 22:00 часот и забраната за домашни посети, изјави Филипче, со цел како што додаде, инспекторите и МВР да можат да постапуваат во однос на контрола и преземање санкции.

Министерот се надева дека со овие предлог мерки ќе се намали ризикот од трансмисија на вирусот, иако како што рече, сериозен процент од новозаразените не можат или не знаат да кажат каде се заразиле.

Во однос на високиот број на новозаразени, надлежните сметаат дека и во регионот и во Европа се зголемува бројот на новодијагностицирани случаи, и е нешто што се очекувало согласно есенскиот бран.

Сепак во моментов не се размислува за воведување на полициски час. Епидемиолошки пак, постои таа идеја, доколку сите други можности бидат исцрпени.

Во ниту една Европска дружава нема полициски час, освен во Франција, посочи вчера претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, кој нагласи дека и во следните денови ќе се следи бројот на позитивни случаи со цел да бидат предложени нови мерки.

– Анализата на епидемиолошките податоци во последниве три дена кога имаме драстично зголемен број на позитивни лица укажува дека одредени настани кои што се случиле во нашето секојдневно опкружување се главниот промотор на поголем број на случаи, тоа значи настаните, тоа значи концертите, тоа значи забавите, се она што го видовме на телевизија, групирањето и непочитувањето на мерките или непочитување во таа смисла што никој не носеше маска, образложи претседателот на Комисијата.

Караџовски појасни дека станува збор за типичен есенски бран на Ковид-19 предвиден уште пред неколку месеци, и испрати апел до јавноста строго да се почитуваат мерките со цел да се спречи ширење на епидемијата.

Надлежните уверуваат дека постојат механизми за справување со вирусот и дека нема да се носат одлуки кои ќе и наштетат на економијата.

Премиерот Зоран Заев вчера посочи дека сите сугестии од Комисијата за заразни болести ќе ги почитува, уверувајќи дека Владата има можност и да прогласи кризна состојба согласно законот. Членовите на Комисијата според него, се стручни луѓе и верува дека со законските измени мерките ќе се воведат и истите ќе се почитуваат.

– Сите нови сугестии кои ќе дојдат од Комисијата ќе ги почитуваме. Нема да дозволиме ние како политички субјекти да носиме одлуки, кои ќе прават штета на економијата и нема да имаа ефект на намалување на бројките. Членовите на Комисијата се стручните луѓе, но се и општественици, кои ги слушаат и ги следат реакциите. Бројките растат вртоглаво во светот во регионот, рече Заев.

И министерот за правда, Бојан Маричиќ вчера испрати апел да се почитуваат мерките и препораките за побрзо да се преброди кризата со Ковид-19. Заложбата на Владата е да мерките да бидат минимални и само кога е нужно за заштита на здравјето.

Вчера Министерството за здравство информира дека последните 24 часа биле направени 2306 тестирања, а регистрирани биле 438 нови случаи на Ковид-19. Институтот за јавно здравје регистрира 191 оздравени пациенти, а во болнички услови починати се шест лица.