Македонија
19. December 2021 - 16:41

Нови правила за влез во Грција

Предпразнично Грција воведе нови правила за влез во нивната држава. Од денеска сите патници коишто ќе сакаат да остварат влез кај јужниот сосед задолжително мора да поседуваат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или брз антигенски тест не постар од 24 часа. Оваа мерка важи и тестот е задолжителен за сите на возраст од 5 години па нагоре. Според најавите ваквата мерка ќе трае до 10 јануари. 

- Откако почна да важи мерката досега нема проблеми. Има некои патници претежно странски државјани кои се враќаат поради тоа што немаат тестови и прават тестови и повторно заминуваат према Грција. За разлика од вчерашниот ден фреквенцијата е драстично намалена за околу 2000 патници. Тоа најверојатно се должи на тоа што треба да се прават тестови за влез во Република Грција, изјави Даниел Мандиќ, раководител на смена на ГП „Богородица“. 

Воведувањето на новата мерка и новите правила за влез во Грција веројатно е и една од причините за намалувањето на фреквенцијата на патници на најголемиот граничен премин со Грција, односно ГП „Богородица“. 

За разлика од вчерашниот ден кога до 16 часот излез од Македонија и влез во Грција оствариле над 2800 патници денеска тоа го направиле само околу 800 патници. Најголемиот дел од македонските граѓани во текот на вчерашниот ден ги искористиле старите правила и заминале на викенд кај јужниот сосед.