Македонија
18. јуни 2024 - 16:34

Новата Влада на првата седница да најде начин да не поскапи струјата, бараат експертите

Новата Влада на првата седница да ја врати старата цена по која ЕСМ ќе и продава струја на ЕВН, бараат експертите. Според универзитетскиот професор Атанаско Тунески, се уште има време за поправка и владата на Мицкоски пред да биде избрана треба веднаш да почне со пресметки за да види дали има шанси ЕСМ и натаму да ја продава струјата по 57 евра за мегават, а не за 60, како и да задоволува 100% од потребите.

За Тунески поголем проблем е тоа што ЕСМ ќе испорачува 85% од потребите за домаќинствата, оти останатите 15% ќе се купуваат од берза по речиси двојна цена.

Ова, вели тој, треба да биде првиот чекор на Владата што ќе го преземе уште следната недела.

„Идната Влада треба да најде начин да компензира некако да овие 5% или не ги прифати и да му објасни на ЕСМ дека трошоците се неоправдани. Или пак, во другите две цени, цената на ЕВН и цената на МЕПСО да проба да најде начин да тие се намалат па вкупниот збир да остане ист. Наредната недела, на првата своја седница да донесе одлука дека останува 57 евра цената на ЕСМ и тогаш ќе бидат малку поинакви пресметките. Но, дали ЕСМ може да издржи со 57 и дали ЕСМ може да даде 100% од потребната количина струја треба да се провери. ЕСМ денес вели дека не може 100% да дава и дека мора да оди на 60, наместо 57. Дали е тоа вистина или шпекулација, треба идната влада веднаш тоа да го реши на првата своја седница наредната недела“ – Атанаско Тунески, универзитетски професор

Тунески вели дека сега е приликата и да се укине фиксниот надоместок за пристап до мрежа од 200 денари кој беше воведен пред половина година. Тврди дека ваква давачка не постои никаде во светот и сериозно ги погодува граѓаните кои помалку трошат струја.

„Владата не може да ја укине мрежарината, туку може да сугерира до РКЕ да се укине. Она што јасно и гласно го зборува народот дека таа давачка е неоправдана, Владата може да го реализира ако сака. Владата затоа и се нарекува Влада, затоа што владее со државата, односно може да разговара со регулаторната комисија и таа да ја укине давачката. Со оглед дека таа давачка не постои никаде во светот. Тешко ќе се оправда нешто кое не постои никаде во светот, дека само за Македонија мора да важи“ – Атанаско Тунески, универзитетски професор

Од ЕСМ за Сител велат „АД ЕСМ е заштитник на цената на електричната енергија и испорачува електрична енергија кон ЕВН Хоум по цена која ја утврдува Владата и количина која исто така ја утврдува Владата се со цел пазарните цени на струјата на берзите да не предизвикаат ценовен шок за граѓаните“.

Засега е рано да се каже дали и колку повисоки ќе бидат сметките.

Крајната цена на струјата треба да ја скрои универзалниот снабдувач откако ќе заврши аукцијата закажана за задутре, по што зелено светло треба да даде и регулаторот.