Македонија
31. January 2018 - 14:50

Нова деветвалентна вакцина за ХПВ ќе се применува во Македонија

Во текот на минатата година во земјава се откриени нови 300 случаи на рак на грлото на матката. Ова е болест која може да се превенира со вакцинација, а наскоро треба да се изведува со деветвалентни вакцини.

-Најважно е да се покрене јавната свест кај жените за редовни контроли и тестови, беше посочено на денешната прес-конференција по повод одбележувањето на Европската недела за борба против рак на грло на матка која трае од 28 јануари до 4 февруари.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека министерството е посветено на спроведување на скрининг програмата за жените од сите возрасти и најави дека од годинава ќе се направи надградба на системот и резултатите од ПАП тестовите ќе се добиваат многу побрзо.

Потенцира дека лани се прегледани 27.000 жени меѓу 46 до 60 години и кај 87 проценти наодот бил негативен, а кај 13 проценти позитивен и тоа за ХПВ инфекции и ЦИН 1.

- Годишно се откриваат од два до три случаи на карцином на матка на грло кај пациентки кои по направениот преглед се спроведуваат на понатамошна дијагностика, а по потреба и лекување, рече министерот за здравство.

Апелира до жените редовно да се јавуваат кај своите матични гинеколози на прегледи.

-Ова, истакна, е болест која може да се превенира, која дури доколку се открие во рана фаза може да се преземат мерки за лекување со што таа целосно може да се излекува, истакна Филипче.

При тоа, најави, Македонија може да биде една од петте земји во светот која ќе влезе во програмата на Бил и Мелинда Гејтс со што целокупната женска популација од сите возрасни групи ќе биде вакцинирана со новата деветвалентна вакцина за ХПВ.

Горан Димитров од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и претседател на Здружението за ХПВ на Република Македонија рече дека новата деветвалентна вакцина е одобрена од Светската здравствена организација и е против девет типови ХПВ што се причинители на 92 проценти од цервикалниот карцином.

Ова, како што посочи е изум на 21. век и оти со неа индиректно се штити од малигна болест.

Апелира дека најважно е покревање на јавната свест и она што се вели да се влезе во главата на жената дека таа треба да направи тест.

Потенцира дека во наредниот период Комитетот, што е формиран како посебно тело, треба да ги адаптира современите клинички упатства за скрининг на цервикалниот карцином. Упатството, посочи, е помогнато од Фондот за население на ОН.

Потенцира дека се во постојан контакт со невладиниот сектор.

- Повеќе треба да се работи на зголемување на информациите и едукацијата на младите девојки и жени, да им се објасни пристапот до скрининг методите, превентивните прегледи и ХПВ вакцинацијата и со тоа да се зголеми имплементацијата на овие услуги и програми насекаде низ Македонија, рече Биба Додева од Здружението за борба против рак „БОРКА - За секој нов ден“.

Додева истакна дека жените од пониските социо-еконмските групи и малцинствата се соочени со нееднаков пристап со оваа смртоносна болест, бидејќи овие жени немаат редовен пристап до програмите за скрининг и превенција.

- Искуството ни покажува дека инциденцата на новозаболени од овој вид карцином е поголема во руралните средини, посочи Додева.

Во рамки на скринингот лани биле испратени 40.505 покани до жени на возраст од 40 до 60 години. Од поканентите на преглед не се јавиле 15.047 жени. Најголем одѕив имало во Скопје, а најмал во Гостивар и Велес.

Одговорајќи на новинарски прашања министерот за здравство најави дека во текот на наредната недела ќе бидат готови измените на Законот за увоз на лекови. Како што посочи со измените се предвидува при увоз на лекот да се поседува и сертификт од производителот и од акредитирана лабораторија.

За испразнетите директорски места посочи дека следната недела ќе бидат назначени нови директори, а нови ќе бидат назначени и онаму каде истекуваат шестмесечните договори на вршителите на должност.

За изградбата на новиот Клиничкиот центар посочи дека треба да се донесе одлуката многу скоро.