Бизнис
19. August 2019 - 19:27

Нов правилник за храна на АХВ со нови можности за работа на фармерите

Фармерите ќе можат месото и месните производи директно да ги продаваат до крајните потрошувачи. Агенцијата за храна го објави новиот правилник за промет на храна од животинско потекло.

За да можат директно да продаваат, сточарите ќе треба да ги почитуваат минималните хигиенски стандарди на своите фарми. А според надлежните, со новиот правилник ќе се подобри безбедноста на храната бидејќи фармерите ќе мора повеќе да внимаваат на хигиената, но ќе им помогне полесно да ги продадат производите.

-Нема да зависат од откупувачите, туку ќе можат да произведат одредени количини на сопствената фарма и да ги пласираат до крајните потрошувачи. Односно, директно до вас или да ги понудат во некој маркет кој продава таков вид на производи, вели директорот на АХВ, Зоран Атанасов.

Освен месото, истите правила ќе важат и за млечните производи, но и за медот.

-Медот како примарен производ можеа да го продаваат само на фармата, на одгледувалиштето и понатаму не. Сега со овој правилник се регулира неговата продажба на територијата на државата, што е олеснување на примарните производители на мед, истакна Ванчо Новоселски, Раководител на инспекциски надзор при АХВ.

Во однос на американската свинска чума, надлежните велат дека се уште не е појавена во земјава. Во моментот се врши отстрел на дивите свињи, но без придружба од кучиња. Досега е убиена само една, а не се пронајдени мрши од други диви свињи.