Нов покрив и музејска поставка за 40-тиот роденден на Кинотеката на Македонија
Со неколку проекти Кинотеката на Македонија годинава ќе одбележи 40 години постоење, кои ќе ги промовира на два значајни датуми - на својот роденден во април, и на 27 октомври кога се одбележува Светскиот ден за заштита на аудиовизуелното наследство.
Нив денеска ги најави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која ја посети оваа национална установа. Соопшти дека годинава целосно ќе се реконструира покривот на Кинотеката, како и нејзиниот влезен дел каде што ќе биде сместена музејска поставка за „Вардар-филм“ и за светската кинематографија.
- Следната недела институцијата ќе објави тендер за избор на фирма која ќе ја врши реконструкцијата на покривот. По завршување на покривот, ќе се пристапи кон проектот што го започнавме претходата година – реновирање и реконципирање на музејската поставка на влезната партија во Кинотеката. Тука ќе има музејска поставка наменета за институцијата „Вардар-филм“, а дел од поставката ќе биде наменета за светската кинематографија. Избрана е фирма за проектот за ентериерното уредување кој до крајот на април треба да биде готов и тогаш Кинотеката ќе треба да објави тендер за избор на фирма што ќе го прави уредувањето на музејската поставка. Се очекува промоцијата на овие проекти да биде на 27 октомври, на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, изјави Канческа-Милевска.
Покрај инфраструктурни, во Кинотеката ќе продолжат тековните активности – во завршна фаза е проектот „Сведоци“ – документарен серијал со интервјуа на некогашни деца бегалци од егејскиот дел на Македонија. Досега беа промовирани четири дела (од Македонија, Австралија, Канада и Европа), завршени се снимањата во САД и се очекува на крајот на март да биде промовиран и последниот, петти дел од серијалот. Канческа-Милевска најави можност овие документарци да бидат подлога за снимање на игран филм, кој можеби ќе биде копродукциски проект.
Министерката во оваа пригода соопшти за уште еден значаен проект – Хавзи-пашините конаци во скопско Бардовци, каде што се депоата на Кинотеката, за филмови од светската кинематографија.
- Го промовиравме идејното решение, избрана е фирма што работи на целиот основен проект. Ова е доста голема инвестиција која е во програмата на Владата на РМ. Проектантската куќа работи на сите проекти за обнова на Хавзи-пашините конаци. Се работи за огромна површина од 2,8 хектари, каде што ќе се зачува нашето вредно културно наследство и ќе се стави во функција и на филмската дејност. Согласно со договорот што ги има потпишано Кинотеката на Македонија, проектите треба да бидат готови до крајот на октомври и од ноември ќе се пристапи кон нивна ревизија. Очекувам на крајот на 2016 и почеток на јануари 2017 да се објави тендер за избор на фирма која следната година ќе почне целосна обнова на Хавзи-пашините конаци, истакна Канческа-Милевска.
Оваа година Кинотеката ќе промовира три дигитално реставрирани филма во рамки на проектот за дигитализација на македонското филмско наследство, во кој досега беа објавени ДВД-изданија на филмови од браќата Манаки, Столе Попов, Љубиша Геогриевски, Милчо Манчевски. За роденденот на Кинотеката, на 29 април, ќе бидат прикажани реставрираните: „Хај фај“ на Владимир Блажевски, „Татко“ на Коле Ангеловски и „Жед“ на Димитрие Османли.
Директорот на Кинотеката Бошко Грујовски посочи дека во фаза на дигитализација се шест играни филмови на режисерот Бранко Ивановски Гапо: „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Истрел“, „Најдолгиот пат“, „Време води“ и „Македонска сага“. ДВД-та се очекува да бидат промовирани на 27 октомври во целосно обновениот и преуреден простор на Кинотеката.
- Оваа година е јубилејна за Кинотеката, прославуваме 40 години од постоењето и работата. Роденденот пригодно ќе го одбележиме со неколку награди, покрај традиционалната „Златен објектив“ која секоја година им ја даваме на доајени на македонската кинематографија. Настанот ќе биде надополнет со ревија на македонските филмови кои беа реставрирани во 2015 година. Ќе биде организирана и ретроспективна изложба за постоењето на институцијата од 1976 до денес, рече Грујовски.
Ново на Сител
-
Фрлена бомба во двор во Керамидница, едно лице повредено
-
Маж се самоубил пред зградата на Врховниот суд на Бразил
-
За 20% поскапува такси превозот во Скопје?
-
Лишен од слобода скопјанец поради криумчарење мигранти
-
ДЗР: Континуираните загуби во работењето на АД Пошта влијаат на квалитетот на услугата
-
Холандската полиција уапси 281 лице на забранетиот пропалестински протест
-
Французин добил 80,5 милиони евра обложувајќи се на победа на Трамп
-
Уште еден скандал го тресе англискиот фудбал - Судија од Премиер лигата фатен како шмрка кокаин | ВИДЕО