Македонија
26. May 2017 - 18:37

„Нонча Камишова - нејзината борба“ - премиера на Младинско драмско студио „Словото“ од Велес

Младинското драмско студио „Словото“ од Велес под водство  на Весна Димитрова-Бобевски, која воедно е и режисер, и по текст на Љупчо Данов, на 30-ти и 31 мај ќе ја изведе својата нова претстава „Нонча Камишова - нејзината борба“. 

Во претставата играат десетина млади актери - средношколци од Велес, а главната улога на Марија – Нонча ја игра 16-годишната гимназијалка Магдалена Арсовска.

Филип Спиркоски од Советот на млади при Општина Велес, кој е организатор на претставата заедно со локалната библиотека, денеска на прес-конференција информираше дека целта е запознавање на младата велешанка Марија Владова или во партизани наречена Нонча Камишова.

Таа како борец на велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“ загинала во борба со бугарскиот фашистички окупатор на 6 јануари 1943 година на само 19 години во месноста Речани кај Велес, заедно со своите четири другари од одредот. 

- Жртвувајќи го својот млад живот, Нонча Камишова оставила траен белег и своето име го вградила во историјата на Велес.Токму затоа вие младите на Велес треба да ја запознаете и каква личност и каков борец била таа, која високите идеали си ги поставила за слободата на својот народ, на својата Македонија и својот роден Велес.За да ги сакаме нашата земја и нашиот народ, ние треба да ги осознаеме овие личности од нашата локална историја, потенцира Спиркоски.

Режисерката Весна Димитрова-Бобевски истакна дека оваа не е обична претстава, тука час по историја со мисија за едукација на младите генерации.

-.Да дознаат каква силна личност била Марија – Нонча која толку и верувала на организацијата и кој бил тој нејзин дух и интелект, иако имала само четиригодишно образование, свесно да влезе во тешка борба, а за своите идеали да ја жртвува својата младост и својот млад живот, за слободата на својата земја, рече  Димитрова-Бобевски.

Авторот на текстот Љупчо Данов информираше дека по пишување на текстот за претставата посветена на шпанскиот борец Ганчо Хаџи Панзов и 80 години од неговата смрт, а насловена  „Ганчи Хаџи Панзов се враќа дома“ и по овој драмски текст најави дека ќе напише уште многу текстови за борци за кои малку се знае.

- Тоа се борци од велешкиот Партизански одред „Димитар Влахов“, за кој годинава се прославуваат 75 години од неговото формирање. Тоа биле борци кои се бореле и гинеле за својата земја, затоа ќе напишам текстови за претстави и за тие храбри личности, а за нив и нивната борба за Македонија, да дознаат младите генерации, истакна Данов.