Македонија
20. April 2017 - 15:00

Работилница за партнерство за подобра бизнис регулатива во Македонија

Претставници на микро, мали и средни претпријатија и старт ап компании денеска беа дел од работилницата „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ што ја спроведува УСАИД во соработка со консултантската куќа „Епи центар“.

- Целта ни е да ја подобриме правната и бизнис регулатива за овие видови компании. Од претходно направената анализа ја детектиравме потребата од ваков проект за да им помогнеме на компаниите да ја подобрат правната регулатива, но и да го зајакнеме јавно - приватниот дијалог, истакна Ирена Мојсоска од Стопанската комора на Македонија.

На работилниците, учесниците дискутираат за правата и обврските од Законот за работни односи и Законот за заштита при работа, правата и обврските кои произлегуваат од законите за даночна и царинска работа, како и регулативата за животната средина и прашањата поврзани со неа.

- Досега имавме голем одѕив. Очекуваме по завршувањето на сесиите да направиме анализи од кои ќе произлезат нови или пак ќе има подобрување на некои решенија, рече Мојсоска.

Организаторите најавуваат до 7 јуни да се одржат 18 информативни сесии во 10 градови.

Партнери во реализацијата на четиригодишниот проект се Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на северозападна Македонија и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).