Македонија
17. December 2016 - 14:09

ДИК расправа за последниот приговор за изборите

Државната изборна комисија (ДИК) попладнево ја продолжи седницата на која се разгледува и треба да се одлучува за последниот приговор на Коалицијата предводена од СДСМ.

Досега, ДИК прифати само еден приговор од движењето Беса и поништи гласање на едно избирачко место во Гостивар. Отфрлени се пет приговори поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ и седум од Движењето Беса. СДСМ, пак, вчера повлече два поднесени приговори.

Со шест гласа „за“ и три „против“, вчера Комисијата го усвои приговорот од движењето Беса, кој се однесува на постапката на гласање за избирачко место 0396/1 во Гостивар, за кој беше побарано графолошко вештачење на потписот на еден гласач за кој се утврдило дека има обид за гласање по вторпат.

Одлуката е донесена откако до ДИК беше приложен извештај од графолог, според кој утврдено е дека некој друг гласал во име на посочениот гласач и се потпишал во изводот од Избирачкиот список.

Со прифаќањето на приговорот се поништува гласањето во ова избирачко место. Гласањето ќе се повтори ако Управниот суд го потврди решението на ДИК доколку некоја од партиите и коалициите учесници на изборите во Изборната единица 6 го оспори решението на Комисијата до судот. Според пресметките, прегласувањето на ова избирачко место би можело да има влијание на изборниот резултат.

Синоќа ДИК отфрли приговор за избирачкото место 2016 во Теарце, откако по увидот во целокупниот избирачки материјал во ова избирачко место беше констатирано дека тој во целост се совпаѓа со она што е утврдено од избирачкиот одбор.

При разгледувањето на овој приговор, по барање на ДИК на седницата присуствуваа сите членови на Избирачкиот одбор од ова избирачко место со цел да го потврдат избирачкиот записник.

Според најавите од ДИК, синоќа требаше до партиите да бидат доставени решенијата за приговорите за кои веќе е донесена одлука и да почнат да течат роковите за тужби до Управниот суд.

Седницата синоќа беше прекината поради тоа што во салата каде што се расправа се слушаа звуци од испукани петарди.

Пред зградата каде што се наоѓа седиштето на Комисијата, и денеска се собрани граѓани кои протестираат за, како што посочуваат, да спречат да биде одземена волјата на мнозинството гласачи.